Влатко Стефановски го закажа и својот трет концерт

Поради големиот интерес за концертната промоција на новиот албум на Влатко Стефановски, “Мајчин јазик”, кои ќе се одржат на 17 и 18 март, закажан е и трет концерт што ќе се одржи на 20 март.

Специјални гости на концертите ќе бидат балканската етнодива Биља Крстиќ, сопранот Весна Гиновска Илкова и популарната група “Љубојна”.

На прес-конференцијата која гитаристот ја одржа по повод најавата за концертите откри дека материјалот “Мајчин јазик# го спремал цели 20 години и додаде оти сега дошол вистинскиот момент да го сними.

“Ова е мало, интимно парче музика кое го спремав дваесетина година, но го чекав вистинскиот момент за да го снимам. Минатата година некаде во март, април бев во некоја фаза на засилени емоции, па некако само си дојде по себе да го сработам. Готов бев за три-четири дена. Сакав да имам еден минималистички албум, би се рекло, еден човек, една гитара, еден албум. Не сакав да има технологија, сакав да им допрам на сите до увцето”, рече Стефановски.

Инаку, на албумот има 9 теми и една бонус лента, всушност единствената вокална изведба, “Море сокол пие” соработката со Раде Шербеџија.