Властите и пазарџиите ќе се договараат за трајно решение

Продолжуваат консултациите меѓу институциите и пазарџиите за трајно решение.

Ова е договорено на средбата на премиерот Зоран Заев и министерот за економија Крешник Бектеши со претставници на граѓаните кои работат на пазарите.
Од владината прес-служба информираа дека на средбата премиерот Заев и министерот Бектеши ги слушнале аргументите и барањата на граѓаните што работат на пазарите и ги потврдиле заложбите на Владата дека гласот на граѓаните се слуша при носењето одлуки што треба да бидат во интерес на граѓаните.

– Премиерот Заев истакнал дека Законот за зелени пазари се одложува за една година и е постигната согласност дека ќе продолжат консултациите помеѓу институциите, пазарџиите и другите засегнати страни со цел да се изнајдат заемно прифатливи решенија што ќе бидат во интерес на пазарџиите и сите засегнати страни што работат во оваа област, во насока на воспоставување ред, намалување на нелојалната конкуренција и регулирање на дејноста – велат од владината прес-служба.