Владејачката партија најавува за 5 отсто повисоки плати во образованието од септември

Платите во основното, средното и високото образование, како и кај јавните високообразовани установи растат за 5 отсто, почнувајќи од исплатата на платата за месец септември. Ова го соопшти владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија преку соопштение.

Од СДСМ велат дека одлуката за зголемувањето на платите во образовниот сектор е уште една потврда за инвестициите во образованието и грижата кон наставно-научниот кадар.

Во меѓувреме, додава СДСМ, продолжува трендот на раст на платите што е уште една потврда за успешните економски политики.

„Според офцијалните податоци на Државниот завод за статистика, просечната плата во јуни 2019 година изнесува 25.205 денари што за 4.1 отсто повеќе во споредба со истиот месец во 2018 година. Тоа претставува пораст на просечната плата за над 1.000 денари за период од една година. СДСМ, преку Владата и парламентарното мнозинство што ги предводи, останува посветена на реализација на мерките што обезбедуваат економски раст, повеќе пари и повисоки плати за граѓните“, нагласува владејачкиот СДСМ.