Владеењето на правото, борбата против корупцијата и пописот меѓу темите на средбата Груби – Тимоние:

Северна Македонија напредува во многу области и успеа да се придвижи напред во однос на процесот на интеграцијата на земјата во ЕУ. Процесот на реформите ќе продолжи, со цел да се испрати позитивен сигнал до нашите европски партнери.

Ова го изјави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, на денешната средба со амбасадорот на Франција во земјава, Кристијан Тимоние.

Груби, како што соопштија од неговиот кабинет, изрази благодарност за поддршката што земјава ја добива од Франција во нејзините напори за остварување на стратешките приоритети на земјата и за одличната билатерална соработка.

Владата, истакнал Груби, ќе продолжи да работи со највисоката динамика бидејќи е посветена на напредокот на земјата кој што треба да продолжи во сите можни области. Тој исто така, му порача на амбасадорот Тимоние дека Владата е определена за функционални институции, кои активно и транспарентно ќе работат на спроведувањето на реформите што се во интерес на сите граѓани и на процесот на интеграција на земјата во Европска Унија.

За време на состанокот, се наведува, било заклучено дека од соодветна важност е владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Груби му го потврди својот став на амбасадорот Тимоние дека неселективната правда и владеењето на правото ќе се постигне преку целосна транспарентност и ветингот што ќе се спроведе против носителите на јавни функции, судиите и обвинителите.

Груби и Тимоние исто така ја отворија и темата на пописот, процес што го оценија како чувствителен и во оваа прилика се согласија дека мора да бидат исполнети сите услови за да биде што е можно поверодостоен.

На средбата, Груби и Тимоние разменија мислења и за можностите за продлабочување на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Франција, се наведува во соопштението од Кабинетот на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу зедниците.