Владата утре на седница ќе ги разгледа предлозите на Комисијата за заразни болести

Владата утре на седница ќе ги разгледа предлозите на Комисијата за заразни болести и на Главниот штаб и ќе се изјасниме точно по нив. Генерално Владата ги подржува заради институциите, заради важноста на здравствената Комисија, заради нивниот експертизам кои го имаат и големата доверба што ја имаме. Владата штом се изјасни веднаш ќе ги соопшти предлозите, истакна денеска премиерот Зоран Заев.

Тој предлага и претставници на опозицијата, како што е доктор Вело Марковски, да дадат предлози, а Владата ќе ги разгледа.

– Оваа Комисија не е ниту од СДСМ, ниту од ДУИ, ниту од незнам која друга политичка партија, туку тоа е државна здравствена комисија на која и веруваме, ја охрабруваме да носи предлози, сугестии до Главниот штаб и до Владата. Утре штом Владата ќе се изјасни за овие прашања ќе излеземе јавно со министерот за здравство и неговиот тим од Министерството за здравство, јас и ако треба и други луѓе да ги соопштиме мерките, рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања по отчетот за сработеното на Владата во првите 100 дена.

Доаѓа време на празници, прво католички Божик, Нова Година, православен Божик и другите празници од крајот на годинава и во јануари и е многу логично да сериозно разгледуваме вакви аспети, нагласи Заев и додаде дека му е драго што Комисијата за заразни болести навремено ги дава ваквите предлози и штом ќе ги утврдат веднаш ќе ги соопштат.

Комисијата за заразни болести реши да и препорача на Владата нов пакет рестриктивни мерки за период од 18 декември до 21 јануари, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во престојниот период на празници. Се предлага угостителските објекти да се затвораат во 18 часот и да нема групирања дома и на отворено.