Владата тврди: Граѓаните на град Скопје ќе имаат парно

Владата на Република Северна Македонија континуирано презема мерки за да обезбеди сигурно и стабилно снабдување со топлинска енергија за граѓаните на Скопје. Во овој момент се финализираат преговорите за регулирано производство на топлинска енергија, врз основа на претходно донесената одлука на Владата за избор на вршители на енергетски дејности, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Штом завршат истите, јавноста ќе биде навремено известена, стои во соопштението на Владата, откако реакциите во јавноста не стивнуваат заради заканите на БЕГ дека нема да испорачуваат топлинска енергија.

Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, излегоа со соопштение дека обврската за испорака на парно е до издавање лиценца на нов вршител на дејноста, бидејќи Законот за енергетика, како што велат од таму, е прецизно дефиниран.

Владата тврди дека граѓаните на Град Скопје ќе имаат парно.

-Владата заедно со ресорните институции постојано работи на обезбедување на потребните ресурси за производство на топлинска енергија по најповолни цени се со цел домаќинствата да имаат помали трошоци. Конкретно, се бара најдоброто решение за обезбедување на најниска цена на гас или мазут со цел да се спречи ценовен шок и да не поскапи парното. И оваа година како и минатата, Владата согласно законските можности прави максимални напори да обезбеди непречено снабдување на топлинска енергија за граѓаните на Скопје. - стои во соопштението на Владата.