Владата прогласи 30-дневна кризна состојба поради опасност од пожари

Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување кризна состојба на целата територија на Македонија, поради зголемените ризици од пожари на отворен простор и шумски пожари. Кризната состојба ќе трае 30 дена, почнувајќи од 1 август 2026 година.

Одлуката има цел да овозможи навремено и координирано справување со состојбата, како и мобилизација на сите расположливи институционални капацитети за заштита на граѓаните, нивниот имот и природните ресурси. Ќе биде активиран Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој ќе заседава постојано и во рок од 24 часа треба да подготви акциски план за превенција и справување со пожарите.

Владата ги задолжи сите органи на државната управа да ги стават на располагање своите човечки и материјално-технички капацитети и да постапуваат согласно прописите за управување со кризи, со цел навремена и ефикасна реакција на терен.