Владата пресече: Во училиште ќе се запишуваат само вакцинирани деца

На денешната седница Владата донесе заклучок во училиштата да се запишат единствено деца што се вакцинирани и за тоа имаат соодветен документ/потврда. Во сите училишта да се примаат пријавите за упис во училиштата и на оние деца што не се вакцинирани, но да не се врши упис на нив сè додека не биде приложен соодветен документ/потврда за вакцинација, потврди Министерството за здравство.

Вкупниот број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП-вакцина од почетокот на епидемијата во Република Северна Македонија изнесува 24.023. Во Скопје бројот на вакцинирани деца изнесува 13.684 од вкупно 16.361 невакцинирано дете. Од преостанатиот дел од државата бројот на вакцинирани деца до 14 години со МРП-вакцина изнесува 10.339. Само со стапка на вакцинација над 95 отсто ќе обезбедиме колективен имунитет и ќе биде оневозможено ширењето на вирусот меѓу популацијата.

Здравствените установи не смеат да издаваат потврди ако детето не ги примило задолжителните вакцини. Потврдите што се приложуваат при упис на дете во основно училиште се издаваат во здравствените домови, каде што има вакцинални пунктови и тие се бесплатни.