Владата одлучи: Рамковните ќе работат во МВР, УЈП и Царина

Најголем број од административците кои биле вработени од 2008 до 2015 година од Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор и кои не доаѓале на работа, а земале плата, ќе добијат понуда да се вработат во Министерството за внатрешни работи каде што се планирани да заминат 50 лица.

39 лица ќе добијат шанса да работат во Управата за јавни приходи, 30 во Царината, во Клиничката болница во Тетово 28, во Управата за водење на матични книги и во Јaвното обвинителство по 26 лица. Во Министерството за надворешни работи ќе бидат вработени 19, во Министерството за образование 17, во Министерството за финансии 16, во Министерството за животна средина 11.

Во Генералниот секретаријат на Владата ќе се вработат 5 лица, во Службата за општи и заеднички работи 3 лица и во ЕЛЕМ – 5.

Околу 20 лица ќе се вработат во меѓуопштинските центри за социјални работи во Гостивар, Скопје, Тетово, а дел ќе најдат работа во скопските клиники – Нефрологија, Неврологија, Психијатрија, Радиологија, Кардиологија, Клиника за очни болести, за уво нос и грло ќе примат од еден до тројца административци.

Засега е најдено работно место за 958 лица, од вкупно 1600 административци . Тие ќе можат да почнат со работа за два месеци. Ако два пати ги одбијат понудите за новите работни места, ќе добијат отказ вели министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

„Доколку овие лица одбијат да бидат распределени на работните места предвидени за нив посред споменатите критериуми, ќе бидат префрлени на трансфер листата на МИОА. Во моментот кога ќе бидат побарани за превземање, имаат обврска да ја прифатат понудата. Доколку повторно одбијат, со нив договорот ќе биде раскинат“, рече Манчевски.

Манчевски вели дека при распределбата на овие лица се водело сметка за потребите на институцијата и професионалните квалификации на вработените.

За прераспределбата на административците вработени по рамковен договор, нема да има нови трошоци од буџетот, вели Манчевски. Наместо платата да ја добиваат од Секретаријатот за Рамковниот договор како што било досега, ќе бидат исплатувани од од институциите каде што ќе бидат распределени.