Владата наскоро ќе објави мерки за помош на најранливите категории граѓани

Владата наскоро ќе излезе со конкретни антикризни мерки насочени кон најранливите категории на граѓани, како што правеше и од почетокот на кризата и во времето на ковид пандемијата, најави денеска претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.

– Во неколку наврати кажав дека заврши времето на изобилство и со електрична енергија, меѓутоа и со други ресурси. Европа се наоѓа практично во војна на својот континент. Во Украина се води војна. Гледате дека таму практично дневно се влошуваат состојбите и затоа ќе продолжиме во насока на поддршка на најранливите категории на граѓани - истакна Ковачевски.

Тој потенцира дека замрзнувањето на маржите функционира, но цените се качуваат заради енергенсите, суровините кои ги добиваат производителите на основните прехранбени производи. 

– Сите сме свесни за растечките цени на храната, особено на основните прехранбени производи. Владата направи првични мерки за замрзнување на цените, меѓутоа подоцна со оглед на тоа дека ние сме отворена економија, која што разменува со странство, предолго замрзнување на цените не е можно, бидејќи ќе се јават недостатоци, па затоа преминавме како што преминаа и други држави кон замрзнување на маржите - рече Ковачевски.

Ковачевски додаде дека инфлацијата во ЕУ е на историско највисоко ниво, па веќе има интервенции од централните банки со зголемување на каматните стапки за нејзина контрола. Истакна дека редовно се одржуваат состаноци на владиниот Економски совет каде што присуствуваат сите ресорни министри од економските сектори, вклучително и министерот за труд и социјална политика, како и дека в среда ќе се одржи состанок на Советот во проширен состав и дека веќе се подготвуваат и листите и категориите на граѓани коишто ќе бидат поддржани со дополнителни финансиски средства од буџетот, со цел да можат полесно да ја пребродат кризата..