Владата ќе му додели помош од 5.000 евра на семејството кое вчера во пожар загуби пет члена, мајка и нејзините четири деца

Еднократна парична помош од 5.000 евра ќе му додели Владата на семејството Зулбеари од Тетово кое вчера во пожар загуби пет члена, мајка и нејзините четири деца.

„Поттикната од трагичниот настан во тетовската населба Поток, во кој семејството Зулбеари во пожар ги загуби мајката и четирите малолетни деца, што длабоко ја потресе целата македонска јавност, Владата на Република Македонија денеска ја свика 51-та седница и донесе заклучок за доделување на еднократна парична помош“, соопшти Владата.

Од таму велат дека покрај паричната помош во висина од 300 илјади денари за семејството Зулбеари, на седницата е договорено владина делегација да го посети семејството и непосредно да го изрази длабокото сочувство за оваа трагедија.

Причините за пожарот сè уште не се познати. Постојат сомнежи дека настанал или од печката на дрва на којашто се затоплувале или, пак, од неисправна инсталација.