Владата ќе ги плати трошоците за патување на екипата на „Медена земја“ на „оскарите“

Владата ќе ги плати патните трошоци за патувањето на петчлената филмска екипа и за хероината на филмот „Медена земја“ Атиџе Муратова на доделувањето на „оскарите“ во Холивуд, објави премиерот Оливер Спасовски.

„Донесовме одлука за оддавање достојно признание на авторите и протагонистите на филмот „Медена земја“ Honeyland, кој по серијата највисоки меѓународни филмски признанија, е номиниран за највисоката филмска награда ‘Оскар’ во две категории. Обезбедуваме материјална помош и домување за Атиџе Муратова и осумчленото семејство што учествуваше во филмот, а за авторите, петчлената екипа која го сними филмот признание за успехот и месечен материјален надомест“, напиша Спасовски на „Фејсбук“.

За широка афирмиција на големите и благородни пораки што ги пренесува филмот, додава тој, Владата ќе ја поддржи организацијата на серија едукативни настани за темите што ги отвора филмот, и организирано прикажување на филмот „Медена земја“ во сите средни училишта во земјата, на универзитетите и во домовите на култура, како и заедничко гледање на филмот со децата од малите групни домови, и лицата од социјален ризик.