Владата ќе ги бележи старите и ефтини автомобили со црвени налепници

Откако вчера заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, одржа прес конференција на која ги појасни новите измени во Законот за возила со кој се воведуваат еколошки налепници, во јавноста се крена прашина околу овој нов закон.

Имено тој како што рече со ова ќе се намали загадувањето во главниот град, но јавноста остро се спротистави на оваа нова измена, бидејќи како што велат со тоа нема да се намали загадувањето и само ќе се бележат посиромашните граѓани со црвени ленти, кои ќе возат постари автомобили.

-Со ова владата ќе ги бележи посиромашните со црвени налепници кои нема да возат автомобили како богатите, се само дел од коментарите на социјалните мрежи.

Со измените во Законот за возила директно ќе се скратат пари со ребалансот на буџетот и тие наместо за продолжување на гасификацијата на Скопје ќе се пренасочат за налепници за автомобилите.

Макрадули истакна дека со предложените измени на Законот за возила, Владата на Р. Македонија започнува со координирана и интегрирана акција во борбата за здрава животна средина и справувањето со аерозагадувањето, каде урбаниот транспорт претставува важен сегмент.

-Согласно европските еколошки стандарди и добри практики, со предложените измени на Законот за возила, се воведуваат еколошки налепници за возилата, кои ќе бидат поделени во три еколошки категории во зависност од европските емисиони стандарди  (ЕУРО 1, ЕУРО 2, ЕУРО 3, ЕУРО 4, ЕУРО 5 и ЕУРО 6) и од погонот на моторот на возилото, (на течен нафтен гас или на компримиран земјен гас, на електричен погон или хибридно возило). Согласно одлуките донесени од општините, односно од Град Скопје, во деновите кога ќе се утврди надминување на прагот на загаденоста во градските средини, се воведува ограничено движење во заштитени еколошки зони. Возилата од првата еколошка категорија (возила со европски емисиони стандарди  ЕУРО 5 и ЕУРО 6, како и возила со емисија на издувни гасови ЕУРО 4 на кои е вграден уред на течен нафтен гас или компримиран земјен гас, хибридни возила и електрични возила) се означени со еколошка налепница во зелена боја, и ќе може слободно да се движат во заштитените еколошки зони, се вели во соопштението од Министерството.

Возилата од втората еколошка категорија, која ги опфаќа возилата со европски емисиони стандарди  ЕУРО 3 и ЕУРО 4, како и возилата со емисија на издувни гасови ЕУРО 2 на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас, ќе се означуваат со еколошка налепница во жолта бојаза кои  ќе има ограничено движење во сообраќајот.

Возилата од третата еколошка категорија, која ги опфаќа возилата со европски емисиони стандарди од ЕУРО 2 и пониско, како и возилата за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови, ќе се означуваат со еколошка налепница во црвена  боја и за овие возила ќе се воведе забрана за движење во општините во период кога има загадување на воздухот.

Еколошката категоризација на возилото ја прави овластена техничка служба.