
Владата ја продолжи мерката со која ДДВ за дизелот се намалува од 18% на 10%, до 12 октомври.
- На денешната седница, Владата донесе одлука за продолжување на рокот за примена на намалената стапка на ДДВ за горивата од 18% на 10%, до 12 октомври 2026 година. Со одлуката се обезбедува продолжување на мерката со која се овозможува намалена даночна стапка, со цел да се обезбеди стабилност и заштита на животниот стандард на граѓаните, соопштија од владината прес служба.
Оттаму додаваат дека Владата продолжува внимателно да ги следи состојбите и движењата на цените, со цел навремено преземање соодветни мерки во интерес на граѓаните и економијата.
И министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, објави дека Влада продолжува да ги штити стандардот на граѓаните и стабилноста на домашната економија.
– Со продолжувањето на оваа мерка директно влијаеме врз малопродажните цени на горивата и го ограничуваме пренесувањето на надворешните ценовни притисоци врз цените на останатите производи и услуги. Реагираме навремено и одговорно, следејќи ги движењата на меѓународните пазари и преземајќи мерки кога тоа е потребно за да го заштитиме стандардот на граѓаните, вели министерката Димитриеска-Кочоска.