Mинистерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, официјално ја претстави Националната стратегија за сајбер-безбедност 2025 – 2028 година, стратешки патоказ за зајакнување на отпорноста и безбедноста на државата во сајбер-просторот.
Oваа стратегија означува пресвртница во напорите на државата да ја заштити својата дигитална инфраструктура и да изгради побезбедна, посигурна иднина за сите.
Стратегијата се донесува по тригодишен јаз без национална рамка за сајбер-безбедност, при што отсуството на сеопфатна сајбер-регулатива ја остави земјата изложена на зголемени закани. Македонија се соочи со зголемени сајбер-напади, хибридни закани, закани за бомби и кампањи за дезинформација, што ја истакнува итната потреба за координиран и стратешки пристап.
Министерот Андоновски истакна дека „Стратегијата се појавува во време кога посветеноста кон нашата дигитална инфраструктура и дигитализацијата воопшто никогаш не бил поголем. Затоа, Националната стратегија за сајбер-безбедност 2025 – 2028 не треба да се сфати како реакција на предизвиците, туку како рамка што гледа напред за создавање безбедна дигитална иднина за секој граѓанин, компанија и институција во државата“.
Визијата на Стратегијата е да се изгради безбеден, флексибилен, одржлив и инклузивен дигитален екосистем, кој го поддржува економскиот раст, ги штити правата на граѓаните и ја поттикнува довербата во дигиталните технологии.
Андоновски истакна дека Стратегијата идентификува пет клучни приоритетни области, и тоа зајакнување на националните капацитети за сајбер-безбедност, обезбедување на критичните инфраструктури и системи, градење сајбер-отпорно општество, минимизирање на влијанието на сајбер-инцидентите и подобрување на националната и меѓународната соработка.
За да се постигнат овие приоритети, Стратегијата воведува критични мерки, содржани во детален акциски план и индикативен финансиски план. Некои од овие мерки влучуваат и: формирање национален совет за сајбер-безбедност, оформување централизиран систем за одговор на инциденти, проширување на програмите за едукација и обука за сајбер-безбедност, искористување на напредните технологии, како што се вештачката интелигенција и машинското учење, и развивање правна рамка за сајбер-безбедност – усогласена со директивите на ЕУ.
Министерот Андоновски го нагласи високиот влог на неактивноста: „Дигиталната трансформација на нашата држава е суштинска, но исто таква е и нашата подготвеност да одговориме на ризиците. Како што видовме од сите досегашни сајбер-напади врз критичните сектори, заканите со бомби и координираните кампањи за дезинформација – ризикот и опасностите се тука. Тие закани ја нарушуваат довербата на јавноста, ги поткопуваат нашите институции и претставуваат значителен ризик за националната безбедност“.
Стратегијата обезбедува јасен патоказ за справување со постојните ранливости, заштита на критичната инфраструктура и поттикнување средина во која бизнисите може да иновираат, граѓаните ќе може да напредуваат и институциите може безбедно да работат.
Успехот на имплементацијата на Националната стратегија зависи од колективниот ангажман. Министерот ги повика сите засегнати страни – владините институции, бизнисите, академската заедница, граѓанското општество и граѓаните – активно да учествуваат во нејзиното спроведување. Дополнително, министерот го претстави и нацрт-законот за сајбер-безбедност, сега достапен на платформата ЕНЕР, за кој течат консултации.
„Денес, правиме голем стратешки чекор кон градење побезбедна и поотпорна дигитална Македонија, која е подготвена да се соочи со предизвиците на дигиталната ера и да ги искористи нејзините можности“, заврши Андоновски.