Владата го намалува ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти, мерката ќе важи од 15 до 28 септември

Владата на денешната седница донесе одлука со која данокот на додадена вредност за горивата се намалува од 18 на 10 проценти, со цел да се ублажи ценовниот удар врз граѓаните и стопанството во услови на кризна состојба и можни нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати.

Според владините пресметки, намалената стапка на ДДВ треба значително да го амортизира очекуваното поскапување на горивата.

Кај дизелот, наместо очекувано зголемување од околу пет денари за литар, со мерката се очекува цената да се намали за околу два денари. Тоа, според Владата, значи вкупно ублажување на ценовниот удар од околу седум денари, при што новата цена би изнесувала околу 99 денари за литар.

Кај бензините, согласно пресметките, се очекува зголемување од околу 3,5 денари. Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 би изнесувала околу 100,5 денари за литар, а на ЕУРОСУПЕР БС-98 околу 102,5 денари за литар.

Повластената даночна стапка од 10 проценти ќе се применува од 00:01 часот на 15 септември до 24:00 часот на 28 септември 2026 година.

Од Владата велат дека со оваа мерка се настојува да се заштити животниот стандард на граѓаните, да се намали финансискиот товар и да се даде поддршка на стопанството во услови на кризна состојба.

Оттаму најавуваат дека ќе продолжат да ги следат состојбите на пазарот на нафтени деривати и, доколку биде потребно, ќе преземаат дополнителни мерки.