Владата е за трајно и современо решавање на отпадот и депониите

Владата времено да го преземе од општините управувањето со цврстиот отпад, предложи премиерот Зоран Заев вчера на средба со градоначалниците од државата.

Премиерот Заев ги информираше градоначалниците од сите општини за иницијативата што јапрезема Владата на РМ за трајно и современо решавање на отпадот и депониите во земјата со воспоставување на интегрирано регионално управување со сметот и со современи регионални депонии.

Според Заев, нема поместување во справувањето со отпадот. 

- Начинот на организирање на сметот е сериозна економска дејност која учествува во БДП на државата. Ако бидеме паметни ќе создадеме дополнителна вредност во Република Македонија, рече Заев.

Претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов исто така оцени дека постојниот систем за справување со цврстиот отпад е  субстандарден и неефикасен.   

- Потребно е да го разгледаме предлогот на Владата и ресорното министерство кој се однесува на воспоставување регионален систем,  односно основање регионални депонии и изградба на потребната инфраструктура во согласност со планот што го има државата во делот што се однесува на управувањето со отпадот, рече Шилегов. 

Како што потенцираше ресорниот министер Садула Дураки општините првично треба да донесат одлука за делегрирање на правото за спроведување и реализирање на регионалните депонии на централната власт и локациите каде што ќе бидат изградени овие депонии кои се утврдени со физибилити студии да се прифатат од страна на општините како што се утврдени.