Владата бара објаснување, концесионерот 6 месеци однапред требал да го најави затворањето на ,,Македонско село”

Владата на Република Македонија не беше запознаена за намерата, ниту информирана за одлуката на менаџментот на комплексот „Македонско село“, објектот да биде затворен и да престане да работи, соопшти Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), како надлежна за стопанисувањето на објектите во сопственост на Владата.

Во договорот склучен меѓу СОЗР и концесионерот, претставуван од компаниите „Тинекс“ и хотелот „Квинс“, има член кој јасно определува дека за ваква одлука давателот на концесијата треба да биде известен најмалку 6 месеци однапред.

СОЗР најавува дека денеска ќе ги покани претставниците на менаџментот на концесионерот утре на состанок да информираат за причините за нивната одлука.

,,Од таа средба со менаџментот на концесионерот на „Македонско село“, и од разговорот за новонастанатата ситуација, СОЗР ќе постапи согласно одредбите регулирани со договорот за концесија”, се додава во соопштението.

Од утре се затвора комплексот „Македонско село“, инвестиција од 6,5 милиони евра што се наоѓа во Нерези, а чиј концесионер е некогашниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, преку неговите фирми „Тинекс“ и „Квинс“. Одлуката ја донел менаџментот на комплексот и истата ја соопшти преку социјалните мрежи.