Чоколадниот ролат е колачот кој многумина од нас ги потсетува на детството и деновите поминати со бабите.
Состојки:
За чоколадна смеса:
150 g путер (70 + 80)
100 g шеќер во прав
1 јајце
150 g темно чоколадо (40% какао)
1 лажица рум
Суви состојки:
50 g бисквити со путер
50 g печени ореви и лешници мешано
50 g желе
100 g сушено или кандирано овошје
За декорација:
30 g какао или шеќер во прав
Начин на подготовка:
Испечете ги оревите и лешниците и ставете ги во крпа, така што ќе ги истриете за да паднат лушпите. Исечкајте ги на парчиња и ставете ги во поголем сад.
Сувото овошје и желето исечкајте ги на парченца и додадете ги во садот. Бисквитите искршете ги и исто така додадете ги во садот.
Во сад на пареа стопете 70 g путер, 100 g шеќер во прав и едно јајце и мешајте со жица за матење за состојките убаво да се соединат и да почнат да вријат (околу 5 минути).
Откако смесата убаво ќе се згусне, тргнете ја настрана од оган и додадете 150 g претходно растопено чоколадо.
Кога смесата што ја готвевте на пареа ќе се излади, додадете 80 g претходно изматен путер и убаво измешајте. Додадете 1 лажица рум и сите сечкани состојки.
Убаво измешајте и обликувајте го ролатот, со помош на најлонска фолија или посебен калап. На крај, ставете го во фрижидер најмалку 4-5 часа да се стврдне.
За декорација, натапкајте чоколадо во прав, шеќер во прав или ситно стругано чоколадо, по ваш избор.