Вкупното поскапување на струјата изнесува над 15%, велат од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ со реакција

Граѓаните веќе следниот месец ќе платат повисока сметка за струја за 9.48%, а веќе трет ден од Новата година нема дневната евтина тарифа од 14-16 часот, така ќе биде и во идина.

Најголемите политички партии во земјава меѓусебно се обвинуваат за поскапувањето кое несомнено „ќе падне“ на грбот на граѓаните.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека од август 2020 година до денес цената на струјата кумулативно порасна за околу 40% за една и пол година!

-Електричната енергија освен базичното поскапување, дополнително поскапува и по основ на укинувањето на евтината дневна тарифа. Оттука вкупното поскапување изнесува над 15 %.Ова значи дека едно семејство кое плаќало по 2000 денари месечно за електрична енергија ќе плаќа сега по 2300 денари плус ДДВ. Ако се земе предвид дека намалената стапка на ДДВ ќе се враќа етапно во текот на следната година ударот по семејниот буџет ќе биде уште поголем, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, велат дека со брза и навремена реакција, Владата предводена од СДСМ успешно спречила ценовен шок за граѓаните и драстично зголемување на цената на струјата.

-Мобилизирањето на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија придонесе цената на струја да се зголеми за 9,48% што е далеку помалку од првичните проекции. Притоа, евтината тарифа на струјата како и евтината тарифа во недела ќе се задржат, а дополнителни рестрикции нема да има, велат од СДСМ.