Вкупно 1.694 случаи на корона вирус: 20 новозаболени, регистрирани 95 смртни случаи

Вкупниот број на заболени лица од коронавирус во Македонија е 1.694. Во текот на вчерашниот ден потврдени се нови 20 случаи во четири градови Скопје, Прилеп, Тетово и Велес, а починати се три лица по место на живеење од Прилеп, Велес и Тетово.

Регистрирани се случаи во скоро сите возрасни групи, а во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 11 женски и 9 машки лица. Регистрирани се 7 хоспитализирани лица. Кај 10 лица е регистрирано присуство на коморбидитети.

Според вкупниот број на заболени лица, случаи на коронавирус има во 30 градови во Македонија, најголем дел во Скопје, Куманово, Прилеп, Тетово и Велес.

Возраста на заболените се движи од 0 до 94 години (медијана – 46 години). Најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 368, а кај возрасната група од 50-59 години (356 заболени). Кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години се пријавени 62 и 73 случаи соодветно.

Од пријавените случаи, 24,7% (n=419) се/биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите случаи биле/се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика.

Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (66,1%), кашлица (54,5%), малаксаност (37,2%), треска (19,8%), главоболка (15,3%), болка во грло (14,8%) и отежнато дишење (14,6%).

Кај 560 или 33,1% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Од нив, 412 или 73,6% имале контакт со веќе потврден случај во државата.

Регистрирани се 243 (14,5%) случаи на заболување меѓу здравствени работници.

Регистрирани се 95 смртни случаи. Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години (n=62). Регистрирани се 63 смртни случаи кај лица од машки и 32 кај лица од женски пол.

Во земјава извршени се вкупно 19.739 тестирања.