Виз Ер најпопуларен превозник, Истанбул најбарана дестинација

Виз Ер и понатаму е најпопуларна компанија која учествува со 62 проценти во вкупниот број на превезени патници, додека Истанбул е најбарана дестинација до која летале 10 проценти од патниците, покажуваа официјалните статистики кои ги објави специјализираниот портал exyuaviation.com

Нискобуџетниот превозник Wizz Air опслужил повеќе од еден милион патници на своите летови од и до Скопје во трите четвртини од 2019 година и со ова ја зголеми својата доминација на пазарот со учество од 62 проценти во вкупниот број на патници, пренесува специјализираниот портал exyuaviation.com. Следен на листата по број на превезени патници е турскиот Turkish Airlines со учество од 7 проценти, потоа австрискиот Austrian Airlines со 5,8 проценти и Pegasus со 4 проценти. Croatia Airlines и понатаму е најпопуларен авиопревозник од поранешна Југославија со учество од 3,8 проценти. 

Wizz Air  ја зголеми својата доминација годинава во Скопје со лансирањето на четири нови линии кон македонската метропола. Нискобуџетната компанија го постави својот петти авион во македонската престолнина со број на патници кој продолжи да расте и во четвртиот квартал, бидејќи авиокомпанијата направи промена кај две рути од сезонски во целогодишни.

Истанбул останува најпопуларната дестинација од Скопје со 9,9 проценти од сите патници. После тоа следи Цирих со 6,3 проценти удел на пазарот, Виена со 5,8 проценти, Базел со 5,3 проценти и Малме со 4,1 проценти. 

Скопскиот аеродром пречека 1.798.129 патници низ своите врати во текот на првите три квартали од годината, што претставува зголемување од 8,2 проценти или 137.640 патници повеќе споредени со ланската година.