Витан Черепналкоски, матурант во „Нова“: Ќе ги совладува тајните на квантната физика на универзитетот каде што студирал Дарвин

Физиката генерално важи за еден од најомразените предмети на средношколците, но тоа не важи за матурантот Витан Черепналкоски од меѓународното училиште „Нова“. Овој матурант одлучи своето идно образование да ѝ го посвети токму на оваа природна наука, за што го избра престижниот Универзитет на Единбург чиј студент ќе биде од следната академска година. Со тоа, Черепналкоски ќе има можност да се стекне со високо образование на истиот универзитет кој своевремено го посетувале бројни нобеловци и признати научници како Бел, Хигс, Максвел, Борн и други, но и познатиот природонаучник Чарлс Дарвин.

Кои беа главните причини поради кои го избра University of Edinburg и со оглед дека станува збор за универзитет со вековна традиција, колку беше тежок уписот?

- Исклучително квалитетната програма по физика, рангирана на 13. место во светот, како и феноменалните лаборатории за природни науки, имаа огромно влијание врз мојата одлука да аплицирам токму на овој универзитет. Најтешкиот дел од планот за упис на Универзитетот на Единбург беше да се положат испитите од областа на природните науки во мојата трета гимназиска година. Со оглед на фактот што сите релевантни испити ги положив со највисоки оценки, остатокот од апликацијата не беше тежок.

Твој фокус е физиката, но може ли подетално да ни објасниш кон што се насочени твоите интереси?

- На Универзитетот на Единбург ќе ја изучувам целата физика како наука, но сепак во втората половина од моите студии сакам да се посветам на квантната физика и физиката на суб-атомските честички.

Станува збор за универзитет кој во одреден период го имаат посетувано и великани како Дарвин и Артур Конан Дојл. Колку овој факт ти претставува притисок или пак повеќе е предизвик?

- Се разбира предизвик. Институција со вековна традиција во која работеле и свој аманет оставиле нобеловци и светски имиња од науката како Бел, Хигс, Максвел, Борн и други само придонесува Универзитетот на Единбург да биде еден од најпривлечните.

Во „Нова“ ја посетуваше AP програмата. Може ли кажеш кои се спецификите на оваа програма и колку ти помогна при уписот на универзитетот?

- AP програмата ти дозволува да избереш предмети од областите кои те привлекуваат и истите да ги изучуваш на универзитетско ниво – оттаму и потребата истите да се полагаат на крајот од годината. За разлика од IB програмата (меѓународна матура), AP програмата нуди флексибилност во изборот и изучувањето на посакуваните предмети. Доколку не ги положев предметите математика, физика и хемија на AP ниво со максимален успех, немаше да добијам безусловна понуда да студирам на Универзитетот на Единбург.

Какви се твоите очекувања од студиите и каде би сакал да продолжиш после дипломирањето?

- Студиската програма која обезбедува додипломски студии и магистратура по физика, очекувам да ме промовира во успешен кандидат за докторат на некој од, исто така, престижните универзитети во светот. Потоа, со стекнатите знаења, сакам да бидам од голема корист на научната заединца и да придонесам кон развојот на технологијата и истржувањето на вселената.

Кои препораки би им ги дал на сите оние средношколци кои сонуваат и допрва треба да се запишуваа на универзитет?

- Информирајте се добро за критериумите и барањата од посакуваните универзитети и навреме подгответе се за аплицирањето. Бидете искрени кон себе во текот на аплицирањето, бидејќи само така ќе се исатакнете во вистинско светло.