Знаеме дека спиењето влијае на различни аспекти од нашето живеење.
Photo by Kinga Howard on Unsplash
Од друга страна пак, начинот на исхрана игра голема улога во тоа како и колку спиеме. Постојат витамини кои придонесуваат за подобар сон, а дел од нив значително го подобруваат нашиот биоритам и севкупно здравје.
Витамин Д
Освен што е важен за добар сон, тој игра голема улога и во регулација на расположението, подобрување на имунитетот, како и намалување на воспаленијата во телото. Една неодамнешна студија посочува дека недостатокот од овој витамин придонесува за нарушување на квалитетот на сонот, што е особено често кај луѓето кои се постари од 50 години.
Најдобриот извор на овој витамин е во сончевите зраци. Но, за жал, во текот на зимата, бројот на сончеви денови е значително помал што може да предизвика проблеми кај одредени поединци. Друг начин за да се дојде до него е преку рибиното масло, жолчката и одредени млечни производи.
Витамин Е
Како моќен антиоксидант, витаминот Е ги штити клетките во нашето тело од оштетување. Тој исто така придонесува и за подобар имунитет, а значително го подобрува и спиењето.
Овој витамин е особено моќен кај луѓето кои се соочуваат со недостаток на фокус поради нарушениот сон. Тој ја подобрува краткорочната и долготрајната меморија, а и го штити здравјето и функциите на нашиот мозок.
Витаминот Е може да се најде во одредени семки и јаткасти плодови, вклучувајќи го сончогледот, бадемите, лешниците, како и спанаќот, брокулата, пченката. Некои луѓе одлучуваат да го земат како суплемент, но за тоа е неопходна консултација од вашиот матичен лекар.
Витамин Ц
Ова е најпопуларниот витамин, а кој би рекол дека тој исто така влијае и на нашето спиење? Едно истражување спроведено во 2009 година покажало дека комбинација на витамин Е и Ц придонесува за значително подобрување на сонот кај возрасни личности. Ваквата комбинација е корисна и за намалување на поспаноста и заморот во текот на денот.
Витамин Б6
Овој витамин е витален за многу функции во нашето тело. Тој го подобрува имунолошкото здравје и придонесува за подобри когнитивни функции и развој. Освен тоа, значително го подобрува и квалитетот на спиењето во текот на ноќта.
Овој витамин се препорачува особено за оние луѓе кои сонуваат многу во текот на ноќта, а потоа се будат изморени. Освен тоа, тој значително придонесува за лачењето мелатонин и серотонин кои се важно за мирен сон, но и добро расположение.