
Министерството за внатрешни работи предупредува на фишинг измами преку лажни СМС пораки, електронски пораки, веб-страници и пораки на социјалните мрежи.
Измамниците се претставуваат како Одделот за моторни возила и испраќаат наводно известување од системот „Безбеден град“, со линк преку кој граѓаните се наведуваат да платат фиктивен сообраќаен прекршок.
Од МВР апелираат граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и да не внесуваат лични или банкарски податоци на неовластени страници. Оттаму посочуваат дека вистинските СМС известувања за прекршок треба да пристигнуваат од испраќачот „MVR-SC“, да ја содржат регистарската ознака на возилото и линк што започнува со "https://safecountry.mvr.gov.mk..."
Граѓаните кои ќе добијат сомнителна порака се повикуваат да ја пријават кај надлежните институции или во својата банка.
Секторот за компјутерски криминал при МВР презема мерки за откривање и санкционирање на сторителите.