Вистинскиот живот не почнува кога човек ќе стапи во брак, кога ќе се вработи, кога ќе добие деца, заврши факултет. Не, вистинскиот живот почнува кога човек ќе се ослободи од своите стравови и кога ќе созрее емотивно. Не е само знаењето она кое носи слобода, туку и чувствата.

Емоционално балансираниот живот е клуч на сѐ. Само емотивно слободен човек е слободен човек. Не е се во главата, има нешто и во телото. Човекот кој е емотивно блокиран, блокира сѐ околу себе. Лутината и поттиснувањата со години се собираат во човекот, тие му се одразуваат на говорот, на мислите, на начинот на живот, здравјето и тоа трае сѐ додека човек не се ослободи и во биолошка смисла и во психичка смисла, бидејќи сѐ додека не се ослобди, тој не може нормално да се движи, ниту пак може слободно да мисли, без оптоварувања.

Во тинејџерските години почнав да се затворам во себе, станав крута, стегната, несигурна. Толку имав стравови во себе, а тоа сега го гледам и знам дека сето тоа водеше кон застрашувачка поттиснатост. Едноставно замолчев. Кога постојано голташ болка, таа те преплавува, чувствуваш лутина, без, горчина, а не ни знаеш зошто. Не си во состојба нормално да живееш, ниту да зборуваш, ниту да играш, ниту да се дружиш, постојано си оптоварен самиот со себе, бегаш од луѓе и трагаш по решенија – секаде. Гласот ти е прешлашен, телото повиено, мислите збркани.

Телото помни се – ако човек е радосен, телото е радосно, живо, раздвижено. Ако е човекот е преплашен, телото е преплашено.

Вистинскиот живот почнува кога човек почнува да дише и почнува да зборува со својот внатрешен глас. Кога знае дека се она во него е посилно од она што е надвор. Се останато се надворешни успеси, општествени признанија, но ако човек не се откачи, се што ќе прави во животот, ќе биде само бегство.

Да се пронајдеш себеси е најголемата можна привилегија. Да ја пронајдеш својата страст и да го почувствуваш апсолутното постоење во се. Додека одиш, разговараш, јадеш, водиш љубов, кога си толку јасен самиот со себе, врамнотежен како личност и тогаш многу малку работи можат да те вознемират, затоа што знаеш дека тоа и нема баш некаква врска со тебе.

Тоа секако дека е идеал, но не е неостварлив. До тоа не се стигнува само преку мислите, туку и со промена на начинот на живот, со запловувањето во миговите на радост и кога ќе се ослободи она што е поттиснато во нашето внатрешно битие. Тоа е апсолутно возможно, постојат 1000 начини, само треба да се откријат и применат. Кога човек ќе го отплетка длабоко поттиснатиот емотивен јазол во себе, онаа неподнослива болка која го јаде и го прогонува каде и да оди – е тогаш почнува вистинскиот живот.

Така барем беше во мојот случај. Толку многу работи се насобрале во мене што секогаш морав одново да се враќам на своите стравови, но вредеше. Нема ништо поубаво од тоа кога човек ќе се доведе себеси во таква ментална состојба во која секогаш ќе ги усреќува луѓето. Животната енергија не се пренесува со приказни за енергијата, туку кога ќе се почувствува на дело, низ разговор.

Едно е да се зборува за нешто, а друго е да се живее. Суштината е да се доведеш себеси до состојба на постојана будност и придвижување, физичка, ментална, каква било. Состојба во која никој и ништо нема да може да те фати во замка.

Слобода е кога човек е во состојба цело време да пее со својот внатрешен глас, каде и да е, со кого и да е. Кога со својата убавина ја разоткрива грдоста на светот која повеќето интуитивно ја чувствуваат, но не ја применуваат. Слобода е кога човек е слободен. Слобода е, слобода е, слобода е... кога едноставно си среќен затоа што си она што си, таму каде што си, во времето во коешто си!