Вистински предизвик за пешаците е да останат суви кога се движат на дождливо време во Скопје

Врнежливото време во главниот град продолжува и во текот на денешниот ден, иако за разлика од ноќта со далеку помал интензитет. Сите добро знаеме дека и најслабите врнежи од дожд можат да направат хаос во сообраќајот, а кога дождот паѓа подолг временски период колапсот на улиците е неизбежен. Улиците и булеварите се полни со вода, нервозни возачи во долгите колони, а пешаците со различни маневри се обидуваат да останат суви кога се движат на тротоарите, е краткиот опис како изгледаат улиците во Скопје при дождливо време.

Нашата екипа излезе на терен на улицата „Св. Кирил и Методиј“ или попрецизно кај трговскиот центар Рамстор, а од виденото слободно можеме да заклучиме покрај целата нервоза која извира од возачите при дождливо време најлошо е да се биде пешак. Се поретки се возачите кои внимаваат да не ги испрскаат пешаците, обично се вози со голема брзина и истата не се намалува кога се наидува на голем вир со вода, па на крај пешаците остануваат од глава до пети испрскани со вода од невниманието и некултурата за жал на се поголемиот број возачите. На делови од улицата тротоарите се реконструираат, пешаците имаат се помалку простор за движење, а и на тој простор кој го имаат потребно да се иновативни и со брзи рефлекси доколку сакаат да останат суви.

-Секој ден поминувам од тука бидејќи работам во близина на трговскиот центар и можам само да ви кажам дека е вистинско мачење да се движиме на тротоарите кога врне дожд. Улиците се преполни со вода, возачите не внимаваат дали ќе не испрскаат, на тротоарите исто така има вода, а за да стигнам сува на работа морам да бидам со брзи рефлекси за да изегнам возило кое иде со голема брзина и воопшто не намалува кога поминува низ вирот полн со вода и покрај тоа што забележува дека се движиме на тротоарот. Неколку пати до сега сум била испрскана, а законот кој што предвидува парична казна за возачот кој ќе ме испрска исто како и да не постои, бидејќи потребно е службено лице да биде присутно во тој момент, а верувајте тоа е невозможно, потенцираше Весна Г.

Покрај тоа што булеварите и улиците се преполни со вода, граѓаните се жалат дека има многу отворени дупки на улиците и тротоарите кои секако не можат да се забележат.

-Како возач се обидувам да внимавам на пешаците, бидејќи кога не сум во автомобилот и јас сум пешак и потврдувам дека е ужасно да си пешак во Скопје особено кога врне дожд. Сепак, морам како возач да напоменам дека на голем дел од улиците има дупки кои кога врне дожд не се забележуваат, а доколку ги погодиме со возилата неминовно е водата да стигне и до тротоарите и да ги наводени пешаците. Затоа како возач, но и како пешак апелирам да се санираат улиците, но и сите да бидеме совесни и одговорни возачи кога се наоѓаме во нашите автомобили, истакна Владо З.