Третото издание на Скопскиот цветен фестивал кој што вчера и денес се одржа во вториот дел од Градскиот парк, на просторот наспроти „Паркот за миленици“, го привлече вниманието на огромен број граѓани кои имаа можност да купат цвеќе и цветни aранжмани, да ја изразат својата умешност со цвеќето, да добијат корисни совети, да се дружат на отворено и да се забавуваат.
Скопскиот цветен фестивал кој што годинава се одржува под мотото „1000 цвета за Скопје“ го отворија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ.
- Скопскиот цветен фестивал е традиционална градска манифестација која го слави цвеќето, зеленилото, природата и другарувањето на отворено. Градот Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ и годинава го организираат фестивалот на цвеќето токму во сезоната кога, поради поволните временски услови, луѓето поминуваат се повеќе време на отворено и ги разубавуваат своите тераси и градини со нови цветни насади и со ново зеленило. Токму затоа, ги поканувам моите сограѓани во текот на овие два фестивалски дена да дојдат во вториот дел од Градскиот парк, да го посетат Скопскиот цветен фестивал и да уживаат во колоритот на цвеќињата и на цветните аранжмани. Ги поканувам скопјани да се вклучат во интерактивните работилници, да ја покажат својата умешност во ракувањето со цвеќето, да се советуваат, да научат нешто ново, да си купат цвеќе и да ги доукрасат своите тераси и градини со ново зеленило, да се дружат со своите пријатели и да поминат убави мигови со своите најблиски, во природа. Сакам да истакнам дека во последните неколку години Скопје стана град на цвеќето. Преку континуирани акции, Градот Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ со цвеќе уредија голем број јавни површини со што придонесовме за разубавување на просторот. Нашата заложба сакаме да ја пренесеме и на другите институции, на приватниот сектор, но и на граѓаните да ја чуваат и заштитуваат средината во која живеат и да вложат во разубавување на околината – рече градоначалникот Коце Трајановски, на отворањето на фестивалот.
Покровител на овој цветен фестивал е градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а организатор е ЈП „Паркови и зеленило“.