„Вистинската екокултура почнува кога грижата за природата не се наметнува со казни, туку станува рефлекс“ – разговор со Ѓорѓи Митревски, организатор на фестивалот за еко-култура и креативен активизам ФЛУДО

Денеска разговараме со Ѓорѓи Митревски, кој професионално делува на пресекот на комуникациите, културната продукција, визуелната уметност и заштитата на животната средина. 

Ѓорѓи е програмски координатор во Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, активен член на регионалната иницијатива United for Rivers и идеен творец на FLUDO – Фестивалот за еко-култура и креативен активизам.

Првото издание на фестивалот се одржа од 24 до 26 септември 2026 година, во Сули-ан во Старата скопска чаршија. Преку креативни работилници, театар на сенки, стоп-анимација, сито-печат, цијанотипија и други уметнички форми инспирирани од природата, ФЛУДО ги поврза уметноста, културата и еколошкиот активизам.

Со Митревски разговараме за идејата зад фестивалот, за тоа како уметноста може да придонесе кон подигнување на еколошката свест, зошто грижата за природата треба да стане дел од нашите секојдневни навики и како да изградиме поинаков однос кон животната средина.

Да почнеме од самата идеја. Што е ФЛУДО и што ве поттикна да создадете фестивал кој ги спојува екологијата, уметноста и активизмот?

Пред повеќе од пет години започнавме програма за долгорочна соработка со независни културни центри, фестивали, уметници, културни работници и едукатори. Нашата намера беше да излеземе од рамките на класичното информирање преку медиумите и социјалните мрежи и да изградиме широк фронт на сојузници. Сакавме да им овозможиме подлабок увид во еколошките проблеми за тие, низ сопствениот творечки израз, автентично да ги преточат овие теми во својата работа. На тој начин, сметавме дека еколошките прашања ќе допрат до сосема нова, разновидна, значително поширока - и најважно, критичка публика.

Потоа, природно се надоврза и едукативната компонента. Голем дел од нашите соработници се занимаваат со едукација преку креативните медиуми во кои работат, што ни овозможи заедно да креираме едукативна програма за деца и млади низ која ќе ги оспособиме преку креативни медиуми и самите да ги артикулираат своите видувања за состојбите во животната средина.

Како резултат на оваа наша работа во изминативе години созреа идејата за ФЛУДО, како простор за сите нас кои сметаме дека креативноста, уметноста и културата можат и треба да дејствуваат на заеднички фронт со екоактивизмот.

Еко-свест повеќе од две децении работи на прашања поврзани со животната средина. Како ФЛУДО се вклопува во вашата досегашна работа и што сакате да постигнете преку овој поинаков, културен пристап кон еколошките теми?

Да, Еко-свест се занимава со истражувања, анализи и застапување за подобрување на јавните политики, но исто така и со информирање на граѓаните за состојбите во животната средина. Сепак, информирањето на граѓаните преку едноставно пласирање информации во медиумите не е доволно. Јас лично исто така не верувам дека „наменското“ пренесување пораки преку комуникациски модели позајмени од огласувачката индустрија е вистинскиот формат. Напротив, цврсто стојам на ставот дека само преку слободен уметнички израз може да се пренесат вистинските пораки. Една порака вистински може да се пренесе тогаш кога уметникот, низ сопствениот творечки процес, ќе ја интернализира состојбата, а потоа преку својот личен сензибилитет ќе ја раскаже приказната.

Во оваа смисла, ФЛУДО нуди нов комуникациски пристап со кој можеме радикално да го промениме начинот на кој зборуваме за животната средина. ФЛУДО има амбиција да прерасне во јавен форум каде што уметниците, едукаторите, активистите и граѓаните заеднички ќе го обликуваат јавниот наратив за животната средина. Заштитата на животната средина не е некаква изолирана тема со која треба да се занимаваат само институциите, експертите и професионалците, туку со неа треба да се занимаваме сите.

Во концептот на фестивалот се појавуваат поими како „екокултура“ и „креативен активизам“. За некој кој за прв пат ги слуша овие термини, што значат тие во пракса, во нашиот секојдневен живот? Како да ги примениме? 

Главната цел на ФЛУДО е воспоставување нова култура на еколошки активизам преку едукација и градење на капацитетите на граѓаните, пред сѐ на младите. Не сакаме само да зборуваме за екологија, туку да ги обучиме младите да користат различни креативни медиуми како алатки за изразување и артикулирање на проблемите во животната средина. Кога младите луѓе сами ја создаваат и ја раскажуваат приказната за природата, тие престануваат да бидат публика и стануваат најавтентичните носители на промената кои имаат моќ да го водат дијалогот за иднината.

Екокултурата значи дека грижата за природата сме ја вградиле во нашите секојдневни животни и културни навики – од тоа како се облекуваме и што консумираме, до тоа какви вредности споделуваме со заедницата. Мора да сме свесни за последиците од сопственото однесување, да разбереме дека секој наш избор остава трага врз природата; мора конечно да го напуштиме длабоко вкоренетиот став дека природата постои исклучиво како ресурс за експлоатација. Вистинска екокултура имаме тогаш кога правилниот однос кон природата не е наметнат преку некаков систем на казни, туку функционира како природен рефлекс и како основен стандард на пристојно граѓанско однесување. Исто како и општата култура, таа не доаѓа сама по себе — таа се учи, се негува и се гради.

Името на фестивалот доаѓа од водата и реката. Зошто токму реката стана еден од централните симболи на фестивалот?

Да, коренот на зборот ФЛУДО се наоѓа во латинскиот поим fluvius, што значи река, или уште повеќе во поимот fluere, што означува течење, струење, флуидност. Водата, а особено реката, е можеби најсилната природна метафора за општествените и еколошките процеси.

За нас, ФЛУДО има и едно многу лично, автентично значење. ФЛУДО е името на еден детски карактер — духот на водата и заштитник на реките — од претставата што ја работевме заедно со театарот „Сенки и облаци“, лик кој кај најмладите влеваше прекрасно чувство на праведен бунт и заштитнички однос кон природата.

Една од вашите идеи е дека животната средина се наоѓа на пресекот меѓу социјалната правда, уметничката инспирација и технолошката иновација. Зошто е важно екологијата да не ја гледаме само како прашање на природа, отпад или загадување?

Загадениот воздух, недостигот на вода, претераната експлоатација на минералните суровини никогаш не ги погодуваат сите еднакво — тие најчесто паѓаат врз грбот на најранливите и маргинализираните заедници, додека економската добивка од уништувањето и искористувањето на ресурсите останува кај мал број поединци. Реката заробена во цевките на хидроцентралата носи добивка за поединечен инвеститор, но остава суво речно корито, мртов екосистем и цели локални заедници без вода и основни услови за живот. Токму затоа сметам дека екологијата е прашање на социјална правда.

Верувам дека токму уметноста има моќ да ги извлече на површина ваквите еколошки неправди и да ги претвори во јавни сведоштва. Уметноста може да ги направи видливи реките „заробени“ од хидроцентрали, на пример. Во таа смисла, уметноста не е само естетски чин, туку и радикално сведоштво кое може да нè соочи со непосредната стварност и да ни помогне да ја препознаеме екологијата како прашање на социјална правда. Таа ја има моќта да го редефинира јавниот простор како место на етичка будност.

И за крај - ако некој што никогаш не слушнал за ФЛУДО ве праша „Зошто да дојде на ваков фестивал?“, што би му одговориле?

ФЛУДО има навистина богата програма во која многу различни посетители би си го нашле своето место – дали во работилниците за креативни медиуми, на панел-дискусиите, изложбите, проекциите или на концертите.

ФЛУДО е отворен јавен простор за сите кои одбиваат да се помират со цинизмот на денешницата. Затоа, дојдете за да бидете дел од дијалог во кој критичката мисла, уметноста и граѓанската енергија создаваат една нова заедница која се бори за достоинствен, здрав и праведен живот. Бидете дел од таа заедница.