Вистинска скопска сензација: Oд Идадија и Дебар маало, кон центарот со трамвај

Знаете ли дека првиот трамвај во Виена се појавил во 1864 година, а Скопје имало трамвај во 1884 година? Тоа не е голем временски интервал, бидејќи Скопје многу брзо фатило чекор со Европа. Тоа се сознанија кои трамвајот во нашиот град временски го поместуваат многу поназад. Како се случило тоа вистинско чудо за скопјани, односно појавата на трамвајот?

Трамвај во Скопје наменет за турскиот султан при неговата посета во 1909 година.

За тоа придонел случајот, но и богатството што го поседувале браќата Шабан-паша, сопственици на една од првите мелници во Скопје. Нивните имиња се Беќир Емин, Реџеп Емин, Осман Емин, Сулејман Емин и, најстариот и најпознатиот од нив, Шабан-паша Емин. Едниот од браќата Сулејман Емин тешко се разболел, а браќата веднаш го однеле на лекување во Виена.

Таму првпат виделе трамвај, многу им се допаднал, и веднаш решиле таков модел да донесат во Скопје. Трамвајот бил и спомен за нивниот болен брат, кој наскоро починал. Во Скопје настанале големи турканици за да се дојде до билет за трамвајот. Тој бил вистинска сензација. Сообраќал од Идадија и Дебар маало, кон центарот.

Тој не се разликувал од европските трамваи, бидејќи оттаму бил донесен. Најпрвин се движел на шпедитерски тркала, а подоцна на шини, влечен со коњска сила. Хроничарите на тоа време велат дека настанувале многу комични ситуации. Кога ќе се изморел, коњот легнувал среде патот за да се одмори. Патниците чекале, возачот на трамвајот пушел цигара и си правел муабет со минувачите. На светски познатите фотографии може да се види дека слични трамваи сообраќале и во Њујорк во 1893 година.

Но наскоро Скопската општина станала љубоморна на браќата, и решила самата да воведе трамвај. Општината никако не можела да се договори од каде ќе бидат купени шините, а еден службеник, кој за таа цел заминал за Истанбул, ги проневерил парите. Така, во Скопје официјално трамвајот постоел сè до 1912 година, а подоцна функционирале само некои негови делови, главно за превоз на службениците до каменоломот во Кисела Вода. Во 1903 година, во Виена веќе бил воведен електричен трамвај.