
Во ЈЗУ Геронтолошки завод – Скопје денеска беше одбележан 103-тиот роденден на д-р Никола Стојановски, лекар чиј животен и професионален пат оставил длабока трага во македонското здравство.
Од установата посочуваат дека станува збор за човек кој ја градел здравствената историја на земјата – од периодот на Народноослободителната борба до современа, независна Македонија.
Д-р Стојановски е роден во 1923 година во селото Скачинци, Велешко. Медицинскиот факултет го завршил во Белград во 1952 година, а шест години подоцна специјализирал педијатрија во Загреб. Поголемиот дел од својот работен век го посветил на грижата за најмладите како педијатар и хематолог во велешката болница, каде што подоцна ја извршувал и функцијата директор.
„За него секое дете било подеднакво важно, а неговото спокојство и љубов кон пациентите се паметат и денес“, наведуваат од Геронтолошкиот завод, истакнувајќи ја неговата долгогодишна посветеност и хуманост.
По повод роденденот, од установата упатија искрени честитки, нагласувајќи дека д-р Стојановски останува пример за професионализам, пожртвуваност и човечност во медицината.