Вистината која ни е најтешко да ја прифатиме: Самите сме креатори на својот живот

Иако не можеме да влијаеме како другите се однесуваат кон нас, можеме да одлучиме како самите ќе се поставиме кон себеси и останатите.

Често, кога ќе ни се случи една лоша ситуација помислуваме дека светот, универзумот или Бог се против нас и дека едноставно имаме лоша среќа. Тоа особено се случува кога ќе ни се случат повеќе негативни ситуации на кои немаме влијание и по кои се чувствуваме очајно и истоштено.

Но, тоа што треба да го знаеме е дека сите имаме различни животи. Живееме во модерно време со многу стрес и обврски, но сите самите одлучуваме или треба да одлучиме што е најдобро за нас.

Ако нашите братучеди ни носат лоша енергија, можеби треба да се оддалечиме од нив, ако нездравата храна ни носи проблеми со здравјето, можеби треба да ја замениме со поздрава опција, ако доцното легнување ни предизвикува лош ден и недостаток на енергија, можеби порано треба да одиме на спиење.

Точно е дека полесно е да се каже, отколку да се направи нешто, но најдобриот пристап е прифаќањето дека за голем дел од нашите животи самите имаме контрола над тоа што ни се случува, а уште повеќе како реагираме на тоа. Не можеме да ги промениме лошите искуства, лажни пријатели, скршени срца или работите кои самите ги имаме направено, но можеме да делуваме на тоа како ќе реагираме кога тоа ќе се случи повторно во иднина. Полека учиме дека животот не запира со еден изгубен пријател, прекината врска или конфликт со најблиските. Но учиме дека самите можеме да одлучиме колку време ќе посветиме на нешто што е позитивно и спротивно нешто што е негативно во нашиот живот.

Умот не можеме да го надмудриме, тој секогаш ќе нè носи на места каде ни е тешко да се соочиме, но треба да знаеме дека најчесто соочувањето е со самите себеси. Затоа, да се потрудиме да изградиме добри мисли, позитивни навики, рутина која ќе ни помогне да се соочиме со сите предизвици и проблеми кои ни го носи животот.

Не се грижете за работите пред да се случат, решавајте ги откако ќе дојдат како ситуација, не држете се цврсто до луѓе кои не ви носат ништо добро освен болка во животот и не бидете заложници на нечија потреба да ви го контролира животот и да ви каже дека не можете да успеете. Постојат милион совети кои можеме да ги прочитаме, а и да си ги дадеме себеси, но пред се да го сфатиме најважното:

Во најголем дел од ситуациите во нашиот живот, самите сме креатори на сопствената судбина!