Висококатниците во Капиштец, Градскиот Ѕид, Порта Влае го запираат струењето на воздухот во Скопје

Сите мерки кои се преземаат против загадувањето на воздухот во градот не можат да се мерат со она што како ефект го имаат ветровите кои дуваат во Скопската котлина. Макар и најслаб ветер за кусо време нивото на загаденост го доведува во граници на нормала. Меѓутоа, постојат два проблема со скопските ветрови.

Првиот е што малку и слабо дуваат, а вториот е што и кога дуваат наидуваат на големи пречки во форма на градежни објекти низ градот и со што силата дополнително им се намалува. Ретките и слабите скопски ветрови се резултат на фактот што Скопје се наоѓа во централниот дел на Скопската котлина која речиси од сите страни е заградена со ниски и средно-високи планини. Со тоа дневните вертикални струењa на воздухот се многу слаби, а во близина на градот нема некој воден објект што би условувал разлика во воздушен притисок и појава на ветер.

Поради ова, во најголемиот дел од годината на подрачјето на градот не дува ветер.

– А кога дува тогаш тој е од северозападен, северен и ретко од јужен или југоисточен правец. Кога има ветер тоа најчесто е Вардарец кој дува по долина на реката и оној што дува по долината на реката Лепенец. Точно на тие правци се лоцирани главните индустриски извори на загадување околу градот. Посебен и голем проблем е што поголемите градби во Скопје се протегаат попречно на правецот на доминантните ветрови . Такви се, на пример, Градски ѕид, Железничката станица и други… Тие оневозможуваат проветрување во приземниот слој до 20 метри кој е и најзагаден, објаснува за „Скопско ехо“ Ивица Милевски, географ.

Според него, и онака слабите ветрови ги ослабуваат сите големи објекти кои што се поставени во правецот север-југ или североисток-југозапад. Со тоа ослабнатиот ветер не може да ја крене нагоре студената и тешка воздушна маса од приземниот атмосферски слој.
Инаку, многу од експертите сметаат дека Капиштец бил првиот масивен ѕид од градби што го спречиле воздухот од Водно да го почистува скопскиот воздух.

Водно, всушност, секогаш било извор на свежиот воздух за градот благодарение на кањони, протоци, поројни канали прку кои струел воздух низ цело Скопје. За таа цел, да се овозможи струењето, во периодот на обновата биле планирани тнр. „зелени прстени“ и коридори по кои би струел тој воздух. Такви појаси се направени во Тафталиџе, Карпош 3 и Карпош 4, кај што е Архивот, Гоце Делчев и потоа „Партизанска“, кај „Сити мол“ биле оставени со цел воздушните струи од Водно да се спојат со тоа зеленило. Меѓутоа, нови големи градби ги пресекле тие коридори.

Од друга страна, никако да се направат зелени коридори долж Вардар, Лепенец, Серава, Маркова Река, Треска… Студии за озеленување на Лепенец и на Серава со години чекаат за реализација иако се појавуваат во изборните програми на кандидати за градоначалници речиси на секои избори. Така е и сега и останува да се види дали ќе бидат реализирани со крајот на овој мандат. Но и со нив проблемот со блокирани ветришта може само да биде ублажен бидејќи блокадите на скопската ружа на ветрови се веќе направени и не можат да се тргнат.

Просечна брзина од само 3,9 метри во секунда

Со мерењата е утврдено дека на градското подрачје се најприсутни северни ветрови со просечна годишна брзина од 3,9 м/секунда. Најбрзо дува во јули кога загадувањето е помало и тоа со 4,6 метри во секунда. Североисточниот ветер, пак има средна брзина од 3,3 метри во секунда, а најмалку е зачестен во октомври и ноември.

СкопскоЕхо