
Градоначалникот Бобан Стефковски информираше дека Општина Гази Баба ја посетила висока делегација на инвеститори од Обединетите Арапски Емирати, со која оствариле значајна средба насочена кон продлабочување на економската соработка и отворање нови перспективи за развој на нашата општина.
Делегацијата ја сочинувале Н.Е. д-р Хамад Ал Памси, претседател на „Emirates Investment Group“; Елиас Згеиб, главен извршен директор на „Emirates Investment Group“ и Антон Ел Зогби, потпретседател на „Al Bata Group“. На средбата присуствувал и Н.Е. Абдулкадар Мемеди, амбасадор на Република Македонија во Обединетите Арапски Емирати.
Особено значаен резултат од средбата е склучувањето Меморандум за соработка, со кој, како што посочи Стефковски, поставиле основа за понатамошно поврзување, развивање партнерства и конкретни активности во насока на привлекување инвестиции.

„Во фокусот на разговорите беа економските потенцијали и развојните можности на Општина Гази Баба, со посебен акцент на промоцијата на индустриската зона „Северна обиколница“, како простор со значителен потенцијал за нови инвестиции, отворање работни места и поттикнување на стопанскиот развој“, истакна градоначалникот.
Тој порача дека нивната цел останува јасна – економски раст, нови инвестиции, нови работни места и забрзан развој на Општина Гази Баба.