Кривична пријава против виш оперативец во МВР поднесе основното јавно обвинителство во Тетово откако во неговиот дом и во друга куќа неовластено чувал огнено оружје, муниција и експлозивни материи.
„Осомничениот, 51-годишник од Непроштено, вработен како виш оперативен работник во МВР, во домот и во уште една куќа во негова сопственост неовластено чувал огнено оружје, муниција и експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети.
При претрес врз основа на судска наредба, полицијата пронашла ловна пушка (карабин), 14 парчиња муниција за карабин, дробилка, два оптички нишани, поголема количина на куршуми, чаури и проектили од куршуми од разни калибри, една кеса со барут, една шок бомба, една воздушка пушка „гамо“ со вградена оптика, пиштол „глок“ калибар 9 мм, две рамки со по 10 куршуми и други предмети за кои немал дозвола за поседување“ се вели во соопштението на обвинителството.
Од основното јавно обвинителство во Тетово известуваат дека до надлежниот суд е поднесен предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.