„Висев на две гранки и четири часа чекав да дојдат да нé спасат“, моделот Стефан раскажува за несреќата со четирицикл кај Караџица

Во вторник Центарот за управување со кризи објави информација дека на бројот 112 е добиен повик за помош на две лица кои со квадрицикл излетале надвор од земјен пат и паднале во бездна длабока околу 20 метри. Неколку часа подоцна до медиумите беше испратена информација дека спасувачката мисија заврши успешно.

„Двете лица кои со квадрицикл (мопед на четири тркала) паднаа во провалија кај вилата „Принц“ на Караџица, се извлечени во стабилна состојба со веројатни скршеници и се предадени на две екипи на Итната медицински помош“, информираше Центарот за управување со кризи.

Таа вечер граѓаните преку социјалните мрежи упатуваа благодарност до надлежните институции, но во јавноста многу прашања останаа отворени. За тоа што се случувало на Караџица, повеќе детали на својот инстаграм профил објави моделот Стефан Спирковски, кој е еден од повредените.

„Митровден е мојот нов роденден. Голема благодарност до Итната помош, Противпожарната екипа и вработените на Ургентен центар. Фала ви на сите за грижата“, напиша Стефан во својата објава.

 Во емотивно видео тој објасни што се случило и како се чувствува сега.