Виртуелна посета на археолошкиот локалитет Тумба Маџари

Археолошкиот музеј овозможи виртуелна тура во „Неолитското село” – музеј под отворено во археолошкиот локалитет Тумба Маџари во Скопје, кој сè уште е затворен за посетители поради коронавирусот.

„Тумба Маџари од 2008 година е актуелен со анимирање на јавноста преку научни, едукативни и туристички активности за сите возрасти. Во музејот под отворено „Неолитско село“ се изградени неколку куќи во духот на неолитската архитектура. Во нивната внатрешност преку копии на разновиден движен и недвижен покуќнински инвентар, како и сцени од секојдневниот живот, е направен обид за реконструкција на дел од животот на неолитскиот човек кој живеел на територијата од Македонија и пошироко пред 8.000 години“, соопштија од Археолошкиот музеј.

Локалитетот се наоѓа во сегашната населба Ченто и е најзначајната неолитска населба во Скопската котлина.

Откриена е во 1961/2 година во текот на археолошки рекогносцирања за изградбата на автопатот. Денес тешко се забележува бидејќи 2/3 од површината се окупирани со куќи подигнати во доцните шеестти и седумдесеттите години на 20. век.

Тумба Маџари бил економски и пред сè културен центар на неолитскиот човек од овој регион.