Вирален статус на Моџо за иселувањето: Паметни се младите, за жал нив ќе им се радува Германија, Америка, Малта, Австралија…

Нови поразителни податоци - 90% од младите луѓе кои се во земјава сакаат да се иселат.

Ова се сознанијата произлезени од вториот јавен настан за подигнување на јавната свест за проблемот со младинска невработеност во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), во рамки на европскиот проект „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“, а во соработка и со Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ).

Познатиот инфлуенсер Божидар Божиновски, познат како Моџо Клингтон со свој коментар на податоците кои се очигледни во реалноста.

-Некои велат дека ова е поразително, но воопшто не е. Значи имаме паметна младина која гледа колку е сатот, дека државичево и општеството е плодно тло само за криминалци и полтрони, дека корупцијата е навлезена од влада до најниски локални ограноци на институциите, дека оние кои нѐ владеат веќе го имаат целиот капитал кај себе и не е ни важно веќе кој е на власт, власта се менува - олигарсите не можиш да ги смениш. Сфаќаат дека овде убива воздухот, храната, почвата, водата, лажните дипломи, неправдите, не сакаат да си го фрлат цел живот во борби со ветерници со партиски глувци кои се побројни и знаат само да глодаат буџети, да глодаат надеж, да го глодаат оние кои не им се живее во нивната партиска канализација која за такви глувци е рај. Властите ја продада и иднината и минатото и сегашноста, ги продадоа и младите, ја убија и надежта дека може да е подобро.

Паметни се младите, за жал нив ќе им се радува Германија, Америка, Малта, Австралија… - напиша тој на својот фејсбук профил, а неговиот статус стана вирален за кратко време.