Вино, леб и пченица: Во тек се славите, а црквата советува како треба да се слават

Во тек се зимските слави. Со славата Петковден, започнаа славењата, но како оди времето напред, така тие почнаа да ја губат смислата, па затоа црквата советува, што се е потребно и како навистина се слават домашните слави. 

Слава – домашен празник може да си земе секое новоформирано семејство.

Откако ќе се формира посебно семејство, кое живее самостојно, тоа треба да има и свој заштитник на семејството и домот – домашен празник (слава). Погрешно е мислењето дека децата не смеат да слават домашен празник додека се живи родителите, бидејќи тие не им ја предале славата. Тоа не е точно! Семејството е мала Црква, а и домашниот празник значи заедница со роднините, блиските и пријателите – како Црква Божја, па затоа и најмалата семејна заедница треба да има свој домашен празник. Доколку децата живеат заедно со родителите, тоа ќе го прават заедно со нив, а штом ќе се одвојат од нив, како нови домаќини, тие треба да си земат свој празник. Таткото и мајката, со родителската љубов, треба да им дадат благослов (да им дозволат) нивните деца да си одбележуваат домашен празник. Имено, ако тие живеат во друго место, сигурно не одат во иста црква со родителите, а тоа значи дека тие треба да земат и своја слава, како што имаат и друга црква (храм). За молитва се разбира, младите се должни да им ги кажат своите намери на родителите и земањето слава да биде со нивно знаење и родителски благослов. Впрочем, чедата треба на родителите да им кажуваат и за сите значајни работи што ги прават во животот и да се советуваат со своите родители. Тогаш ќе имаат благослов и успех за сите работи што ги прават!

ДАЛИ ЗА ПРАЗНИК ПОСВЕТЕН НА БЕСТЕЛЕСНИТЕ СИЛИ СЕ ПОДГОТВУВА ПЧЕНИЦА?

Погрешно е мислењето и практиката дека за Архангеловден и за Илинден не се подготвува пченица. Такамислениците велат дека пчени­цата е принос за покој на душата на светителот, а архангелите Михаил и Гаврил се бесмртни ангели и не умираат, а и свети Илија исто така не умрел, бидејќи жив се вознел на небесата. Според тоа, за „живите светии“ велат, тие, не се вади жито (пченица). Погрешно! Житото не се прави за душата на светителот, што го празнуваме, туку се принесува во слава Божја и во чест на светиот, а во молитвата јасно се вели: „во спомен на оние што починале во благочестива вера“ – значи, за нашите покојни роднини и блиски, та и тие да бидат учесници на нашата слава. Па, ете, пченицата се благословува и на најголемите Господови празници, на пример Духовден и сл. Зарем тогаш тоа се прави за нечија душа?!

Нема „живи“ и „мртви“ светии! Сите се живи! Истите луѓе, секогаш се живи пред Бога, оти Бог е Бог на живите, а не на мртвите.

ПОТРЕБНОСТИ

1) Свеќа – Симбол на светлината Божја, на Господ Исус Христос, Којшто рекол: „Јас сум светлината на светот“ (Јован 8, 12), светлина на спасението, светлина на животот.

2) Празничен леб (колач) – Го симболизира Господ Исус Христос, Којшто рекол: „Јас сум лебот на животот, кој јаде од Мене…“ Ја претставува Светата Причест – телото Христово: „Зеде леб, го благослови, го прекрши и им даде на Своите ученици и апостоли и рече: „Примите, јадете, ова е Моето тело.“ Се меси спроти празникот. Во пченичното брашно се тура богојавленска вода и света вода осветена на славата, сол квасец и обична вода, колку што треба. Додека кисне тестото, се замесува друго тесто со брашно и исклучиво ладна вода, месејќи го тврдо, па се расплеснува на дебелина од 2-3 милиметри. На него се ставаат пет мали печати од просфорникот за да се направи крст на колачот. Тие се оставаат покриени со најлон или крпа за да се пресушат, па се прават и други фигури: цветови, листови, гулаби, пченица, гроздови и сл. а ???? се прави и плетенка за цел празничен леб.

3) Вино – ја симболизира Крвта Христова. Света Причест: „И откако ја зеде чашата, ја благослови и рече: „Пијте од неа сите…“

4) Жито – Го симболизира воскресението и вечниот живот. Зрното умира, гние и воскреснува – расте во ново. Пченицата се треби и мие и се вари 10-ина минути. Потоа во добро затворен сад, се обвиткува со ќебе и се остава 6-7 часа, па се мие, се цеди и се остава на платно да се исуши. Се додава шеќер, ореви и суво грозје и се обликува во чинија. Врз неа се прави крст од бадеми, ореви и шеќер во прав.

ШТО СЕ ПРАВИ НА ПРАЗНИКОТ?

На празникот семејството оди в црква. Таму го носи празничниот леб, пченицата и црвеното вино за осветување, со список на членовите од семејството. По причестувањето, се осветува празничниот леб и се враќа дома.

Дома, пак, доколку така договориле со свештеникот, треба да има на масата наместено: икона на светителот, празничен леб, пченица, вино, свеќа, кандилце, кадилниче, нож и список од членовите на семејството. Кога доаѓа свештеникот, се пали свеќата (по можност од чист восок) и во кадилничето се става темјан. Семејството и присутните, крај свештеникот, свртени кон исток, заедно се молат. По осветувањето и прекршувањето на празничниот леб, започнува празнично почестување и служење на гостите.

Прво се послужува од пченицата. Секому му се понудува, а тој станува, се прекрстува и каснува од пченицата, честитајќи го празникот и изговарајќи благопожелби кон славениците.

Празичниот леб се сече на парчиња и се поставува на масата, за секој прво да земе од него, за потоа да се послужи од сè што е поставено за празникот, пишува Религија.