Виктор Ангелов: Секој човек кој подзапира да ме слушне веќе си носи некоја приказна

Виктор Ангелов е младо момче кое е родено во Штип во музичко семејство. Живеел и растел со виолината. Првите ноти ги научил од својот татко. На седум години почнал да свири на овој инструмент. Средното училиште го завршил во Србија во училиште за млади музички таленти. Потоа, заминува во Австрија каде се запишува на познатиот “Моцартов универзитет“ во Салзбург и продолжува да се едуцира за виолина. Од 2011 работи како дел од Салзбуршкиот филхармониски оркестар.

Тоа што го прави посебен и познат е фактот дека секојдневно е присутен на плоштадите низ Европа, каде изведува сопствени перформанси со виолина. Социјалните мрежи се полни со видеа од неговите настапи низ Европа. Неговиот профил може да го проверите тука и да погледнете дел од неговиот настапи. 

Денес на оваа тема и на теми поврзани со неговиот живот разговараме со Виктор Ангелов - македонецот кој го забавува светот. 

Скопје Инфо:  Кој е Виктор Ангелов и како дојде до идејата да го правиш тоа со кое се занимаваш во животот?

Виктор Ангелов: Јас сум 29- годишно момче со една желба и сон. Да оставам нешто зад себе, значајно за мене, со позитивни вибрации и енергија за околината и таа мисла е онаа која ме води секој ден.

Скопје Инфо:  Според тоа што можеме да видиме на инсгаграм, присутен си во многу европски метрополи, како ги избираш локациите на кои ќе свириш?

Виктор Ангелов:  Многу спонтано ги одбирам местата во кои сакам да ги поминувам деновите. Моментално сум низ Италија. После години поминати во Салзбург, барав сончево место кое ќе ми го храни духот. Италија била инспирација на сите големи уметници, ризница на архитектонска и музичка култура. Моментално сум овде, утре кој знае (се смее).

Скопје Инфо:  Има некој град кој има посебна магија за тебе? Каде највеќе уживаш да ги забавуваш луѓето?

Виктор Ангелов:  Во големите метрополи "живеат" туристите.  Каде и да одам запознавам луѓе од цел свет, со сличен дух и желни за авантура. Нејчесто они се тие кои ми го прават престојот магичен. Магијата ја правиа публиката за која свирам.

Скопје Инфо:  Работата што ја работиш бара многу љубов и енергија. Од каде  наоѓаш инспирација?

Виктор Ангелов: Поттикот и поривот за креирање ми е внатрешен. Инспирација имам од првиот момент кога загудав на овој волшебен инструмент. Песните кон кои се наклонив секако дополнително ме предизвикуваат затоа што наоѓам убавина во мелодиите.

Скопје Инфо:  Луѓето буквално уживаат во твоите музички изведби.. Кажи ни какво е чувството?

Виктор Ангелов: Секој човек што подзапира за да ме слушне веќе си носи своја приказна. Најчесто се препознаваме во текстовите, во сензибилитетот на песните и кога ќе ја споделиме таа енергија едни со други се прави еден таков меур од заедничко задоволство што тешко се опишува. За мене тоа е нестварно. Многу често магично

Скопје Инфо:  Се случило ли некогаш да сретнеш некој македонец...можеби на некој плоштад? Каква била реакцијата?

Виктор Ангелов: Оооо хаха. Се случува, да. Реакцијата е балканска, топла, земјачка. Си се сакаме. Се гордееме што сме од истата грутка – Македонија.

Скопје Инфо:  Свирењето на плоштади и други отворени локации, хоби или професија?

Виктор Ангелов:  Пааа, почна како хоби. Почна како зезање, уште во Салзбург додека бев на студии. Денес, се повеќе е начин на живот со тенденција на професионализам.

Скопје Инфо:  Надвор од ова: со што го исполнуваш остатокот од времето?

Виктор Ангелов:  Со тек на време и со порастот на "следбеници" по социјалните мрежи остатокот на времето ми е резервирано за одговори на пораки и резервација на приватни настани и секако пиење еспресо и дегустирање на што е можно повеќе тестетини, свежо направени од најдобрите мајстори на тесто

Скопје Инфо:  Има ли некој град што ти оставил посебен впечаток?

Виктор Ангелов:  Рим е еден од градовите во кој најмногу останав. Луѓето се топли. Јазикот е музика. Историјата е бесценета. Секој ден е убав во Рим.

Скопје Инфо:  Си размислувал ли за ваков “перформанс“ во Скопје?

Виктор Ангелов: Секако, да. Настапував на неколку настани годинава. Секогаш кога има интерес со задоволство одговарам на предизвикот. Никаде не е поубаво од дома, дури ни свирењето.

Скопје Инфо:  Претпоставуваме дека постојано си во комуникација со странци, туристи. Какво е нивното мислење за Скопје и  за Македонија?

Виктор Ангелов: Ставовите се формираат од она што го имаме како информација и од она што сме го спознале во текот на животот. Не сум имал шанса да слушнам мислење од архитект затоа што сепак тие се релевантни за дискусија за проектот. А од окото на туристи има различни коментари, некои позитивни, некои негативни. Коментарите зависат од чувството за естетика и перцепција.