Викендов времен сообраќаен режим на мостот во Драчево, се санира огромната дупка

Центарот за управување и контрола на сообраќајот на Град Скопје ги известува сите учесници во сообраќајот дека викендов заради реализација на проектот за целосно санирање на оштетувањето на мостот на Маркова Река во населбата Драчево, на овој потег ќе биде воведен времен режим на сообраќај.

Оштетувањето на мостот ќе се санира со брзоврзувачки материјали на цементна основа, што ќе овозможат враќање на асфалтот за само 24 часа после реконструкцијата на коловозната плоча. Санацијата е планирано да се заврши за два дена, предвидено до поставување на асфалтната маса и од таа причина се бара период со минимална фреквенција на мостот, значи во еден период од 20-тина часа, сообраќајот на мостот ќе треба да се одвива по само една сообраќајна лента, со најмала можна брзина на движење, од околу 10км/h.

Времениот сообраќаен режим на овој потег ќе важи до завршување на градежните активности за санација на оштетувањата, па оттука Центарот апелира за максимална претпазливост при возењето на учесниците во сообраќајот.