Викендов планирајте го за активности на снег - ова се омилените места на скопјани (ФОТО)

Викендот пред нас планирајте го за активности на снег. Се очекува врнежите во сабота наутро да бидат од дожд низ пониските места, а од снег на планините. Но, веќе од доцна претпладне во северните делови од земјата врнежите ќе преминат во снежни, а попладне тоа ќе се случи низ целата земја.Ова се наши предлог места за рекреација, забава, дружење во нашата метропола:  

Планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ - Водно

Викенд свратилиште за поголем број скопјани, гордост на градот е планинарскиот дом „Даре Џамбаз“. Тој се наоѓа на врвот на планината Водно на 1060 мнв, или само неколку метри под самиот врв на планината Водно.

Домот почнал да се гради во 1950 година, а е пуштен во употреба 1952 година. Toj е граден од страна на Планинарскиот сојуз на Македонија. Домот е изграден од цврст материјал-камен и вар. Има приземје, кат и подрумски простории. Покриен е со поцинкуван лим.

На приземјето има една релативно голема просторија која може да прими околу 70-100 посетители, една просторија за пресоблекување на посетителите, една просторија во која се чуваат разни материјали потребни за во кујната и една кујна во која се подготвува главно планинарски чај и од која преку шалтер се продаваат сите артикли со кои располага планинарскиот дом.

На катот се наоѓа една просторија во која се сместени околу 25 кревети со можност да се постават и јоги душеци за поголем број на корисници.

Во долниот дел или подрумските простории, има три простории кои се опремени со по 4 кревети, маса и 4 столчиња, греалка, телевизор. Зидовите на просториите се со ламперија под која има стиропор и тервол, а патосот е покриен со даски.

Домот има електрично осветлување а е водоснабден само во кујната. Во просториите на приземјето домот има комбинирано парно греење, на струја и дрва. Во домот има едно WC , а во непосредна близина под самиот дом има едно полско WC.

Китка

Китка — планина во Македонија, која се наоѓа југоисточно од градот Скопје. Таа е дел од најголемиот македонски планински масив Мокра Планина и претставува негова североисточна гранка.

На запад се поврзува со планината Караџица, а на југ со Голешница. Највисок врв е врвот Лисец со 1.588 метри надморска височина, а на билото се истакнува и врвот Красна со 1.565 метри надморска височина и препознатливи карпести облици.

Билото на планината Кита претставува вододелница на долините на Маркова и Кадина Река. Изобилува со богат шумски фонд, претежно од листопадни дрвја (бука, даб, јасика) како и нискостеблести и грмушести зимзелени растенија, поради што е многу раширена дивата сеча на дрва која немилосрдно ја пустоши шумата. На планината се обележани повеќе планинарски патеки кои се дел од трансферзалата „Македон“ која оди кон Солунска Глава, а постојат и возобновениот планинарски дом „Китка“ како и туристичката викенд населба „Мала Река“. На нејзината северозападна падина е расположена областа Торбешија.

Одлично место да поминете квалитетно време за зимскиот одмор и празниците со вашите блиски. Планинско доживување кое ќе ја истакне вашата авантуристичка и истражувачка страна но во исто време ќе ве смири со својата дивина и тишина. Бидете во хармонија со природата и уживајте во погледот што го нуди овој рај.