
Пожар избувнал синоќа во викенд-куќа во Горно Соње, скопско, при што била опожарена куќата и околната трева. Повредени лица нема.
„На 06.10.2026 околу 19:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с. Горно Соње, скопско, настанал пожар при што била опожарена викенд куќа и трева“, соопшти МВР.
Полициски службеници излегле на местото и извршиле разговор со 74-годишниот Д.М., сопственик на викенд-куќата.
Според неговото кажување, тој и сопругата правеле зимница, по што во близина на куќата го истуриле пепелот од ќумбето, во кој најверојатно имало жар, и си заминале. Потоа избувнал пожарот.
„Повредени лица нема, а екипа од Бригадата за противпожарна заштита Скопје го изгаснала пожарот“, информира МВР.