Викенд рецепт: Брзи пица мафини

Доколку размислувате со што вкусно да ги изненадите вашите домашни, ние имаме еден супер предлог.

Се работи за пица-мафини - брз и лесен рецепт со кој нема да го поминете цел ден во кујна, а сепак семејството ќе ви биде благодарно на вака вкусен оброк.

Потребни состојки:

За тесто: 300 гр. меко брашно, 180мл. вода, 1 вреќичка сув квасец (+малку топло млеко, лажичка шеќер и лажичка брашно за квасецот да стаса), половина лажичка сол, 2 лажици малсиново масло.

За фил: 200 гр. ситно сечкани или пасирани домати, 250 гр. шери домати, 4-5 шампињони, 250 гр. моцарела, 50 гр. рендан пармезан, 12 ливчиња свеж босилок, 1 лажичка оригано, прстофат сол, 1 лажица маслиново масло. По желба додадете малку пршута или сланина или варена шунка. Всушност, можете да си правите ваша комбинација на состојките, во согласност со она што го имате дома.

Подготовка:

1. Во сад ставете квасец, лажичка шеќер и лажичка брашно, па додадете малку топло млеко и оставете на топло за да може квасецот да ферментира.

2. Во друг сад, ставете брашно (претходно просеано), додајте сол и добро промешајте, потоа додадете маслиново масло, стасаниот квасец и малку вода, па замесете го тестото. Додавајте си брашно по потреба. Кога ќе се добие мазно тесто, формирајте го во толка и ставете го во подлабок сад. Премачкајте го со маслиново масло и покријте го садот. Оставете најмалку 30 минути да се крене.

3. Подгответе го филот: Во помал сад измешајте ги сечканите или пасирани домати со маслиново масло, сол и оригано. Моцарелата исцедете ја и изрендајте на помалки парчиња (оставете ја на собна температура). Шампињоните исечкајте ги на тенки ливчиња, а шери доматите само преполовете ги.

4. Стасаното тесто растегнете го на површина на која претходно сте наросиле брашно, а потоа со чаша направете 12 кругови.

5. Тестото втиснете го во калап за мафини, кој претходно сте го подмачкале со маслиново масло, а потоа во  калапот ставете ја смесата со домати, додајте моцарела, малку рендан пармезан. Одозгора ставете неколку ливчиња шампињони, и на крајот додадете 2-3 половинки од шери доматите.

6. Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, 15-20 минути. По печењето, оставете ги 5 минути да се изладат во калапите, па потоа извадете ги и сервирајте ги со свежи шери домати и свежи листови босилек. Можете да си додадете и павлака по желба.

Совет +: Ако немате калап за мафини, тогаш развлечете го тестото , ставете го мастрафот и преткајте го (како затворена пица, или поделете го тестото на триаголници, па нив завиткајте ги, или направете роло-пица).