Викенд настани во Скопје

Доколку се уште не сте испланирале каде ќе го поминeте вашето слободно време еве неколку интересни настани кој се закажани викендов во Скопје:

Пикник во Градскиот парк

Граѓанската платформа „Мрдни со прст“, в сабота, со почеток во 11 часот во Градскиот парк во Скопје, организира голем целодневен настан со наслов „Мрдни со прст – пикник за сите“, кој ќе биде отворен за сите заинтересирани.

Целта на овој настан е да се креира простор за граѓаните каде што ќе можат заедно да спортуваат, да се забавуваат, но и да поразговараат за граѓанскиот активизам, да добијат можност да се приклучат на идни граѓански акции и да им покажат на другите дека секој може да донесе промени во своето општество.

Настанот има цел да понуди програма за сите возрасти и да креира простор за дружење и релаксација со повеќечасовно уживање со музика. Отворањето е во 11 часот кога ќе започнат активностите за најмладите и за спортистите, а ќе заврши со музичка програма во 1 часот по полноќ.

Забава во Градски парк, Мото Скопје слави 20 години

Денеска клубот Мото Скопје ќе прослави 20 годишнината од своето постоење. Роденденската забава ќе се одржи во Градскиот парк, кај Школка.

Забавата ќе биде од отворен карактер, секој е добредојден, а од 17 часот па сѐ до после полноќ предвидена е голема забава со повеќе ди-џеи и рок групи.

„Статуафест“ на улица „Македонија“

Живи статуи од Шпанија, Бугарија, Србија, Украина и Македонија ќе учествуваат на фестивалот „Статуафест – другото лице на улицата“ кој денеска  од 18 часот до полноќ ќе се одржува на улица „Македонија“ во организација на „Театроск“. 

– Она што го прави овој фестивал поразличен од останатите е неговиот формат, односно живите статуи кои ќе го разубават градот и ќе ја покажат специфичноста на оваа професија пред македонската публика, соопшти „Театроск“, кој повеќе од десет години се занимава со живи статуи и на фестивалот ќе ја презентира и својата продукција.

Целта на организаторот е да го развие овој вид уличен фестивал во Скопје по примерот на европските центри. 

Покрај живи статуи, фестивалот ќе има и музичка програма со настапи  на диџеи и бендови. Покровител е Град Скопје и се организира со поддршка на спонзори.