Викенд настани во Скопје

Мотивациски викенд за мотивација, инспирација и вмрежување на младите во Скопје

Во Македонската опера и балет викендот вкупно осум говорници ќе ги споделат своите приказни за својот личен и професионален успех, со цел мотивација, инспирација и вмрежување на млади луѓе, во рамки на четвртиот „Мотивациски викенд 4“, во организација на здружението „Младите можат“.

Мотивацискиот  викенд  е  составен  од  два  дела и тоа говори  од осум успешни  млади  лица  и четири работилници од успешни компании.

Целта на „Мотивацискиот викенд“ е да се мотивираат младите да работат на себе, на приватен и професионален план и да се запознаат со неформалното образование.

Настанот за прв пат е организиран во март 2014 како иницијатива од страна на шест млади ентузијасти, во рамки на проектот „Make a Change: BE A VOLUNTEER“ и продолжува како Мотивациски викенд организиран во септември 2014 и Мотивациски викенд 3 во 2015  година. Вкупно на трите настани досега присуствувале над 600 млади луѓе.

Бизнисмени ќе се тркаат низ Скопје

Во организација на здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ в недела во Скопје ќе се одржи штафетна трка за тимови од македонскиот бизнис сектор насловена како „Business Run 2017“. 

За трката можат да се пријават сите компании, организации, институции, здруженија, дипломатски претставништва и субјекти кои припаѓаат на деловно-општествената заедница, а се регистрирани и вршат дејност во Република Македонија. 

Трката ќе биде штафета со четири измени, а компаниските тимови треба да бидат во мешан машко-женски состав, за да ја одразат реалната слика на секојдневниот работен амбиент во компаниите. Патеката е долга осум километри, односно секој учесник во својата измена ќе треба да истрча по 2000 метри.

Сите заинтересирани своите тимови можат да ги пријават преку електронскиот формулар на веб страницата „www.prvdovrv.mk“. Нема ограничување за бројот на тимови што може да ги пријави секоја компанија. 

За сите учесници на трката, претходно ќе се организира забава за запознавање и дружење, која иницирана од трчањето може да донесе нови деловни релации за бизнис заедницата во нашата земја.

Најбрзите три тимови на „Business Run 2017“ ќе бидат наградени со златна, сребрена и бронзена штафета, како и со вредни подароци за тимот, а ќе бидат наградени и двајцата најбрзи поединци во машка и женска конкуренција, оние кои истрчале најбрз круг. 

Целта на оваа трка е заедничко спортско, рекреативно и деловно дружење помеѓу компаниите и јакнење на тимскиот дух помеѓу вработените.

Зимница на улица "Македонија"

Викендов во центарот на Скопје ќе можете да се снабдите со ајварче, лутеница, пинџур, краставички и друг вид зимница по популарни цени. 

Понудата ќе биде од страна на десетина македонски компании, преработувачи на овошје и зеленчук, кои што денеска и утре ќе имаат можност да се промовираат и да го претстават преработувачки сектор на домашниот пазар.

Понудата ќе можете да ја видите на настанот "Време е за зимница" што ќе се одржи на улицата "Македонија# во Скопје во организација на Општина Центар и Министерството за економија.

Според Македонската асоцијација на преработувачи (МАП), Сашо Ристески, целта на манифестацијата е да ја да промовира домашната конзервна индустрија и да ја зголеми свеста кај потрошувачите на домашниот пазар за квалитетот и безбедноста на производите што оваа индустрија ги нуди.

Како што информира извршниот директор на Македонската асоцијација на преработувачи (МАП), Сашо Ристески, целта на манифестацијата е да ја да промовира домашната конзервна индустрија и да ја зголеми свеста кај потрошувачите на домашниот пазар за квалитетот и безбедноста на производите што оваа индустрија ги нуди.

Во интерес на потрошувачите зимницата ќе се продава по стара цена и покрај намалениот род поради лошите временски услови. Според МАП за домашниот пазар има доволно производство, но нема доволни количини за да ги исполнат договорите со странските партнери.

Преработувачите алармираат дека се соочуваат и со недостиг од сезонски работници и потешко доаѓаат до кредити, а им се неопходни инвестиции.

Она што е добро е што македонските конзервни производи се доста конкурентни на странските пазари. Статистиката вели дека речиси 80% од нивното вкупно производство е наменето за странство, а останатото е за домашниот пазар и тоа околу 15.000 тони.

Производството на ајвар има најголем удел во конзервната индустрија,а најмногу се извезува во Германија и Србија, но во последно време големи љубители на македонските производи се и Австралијците.

Закажани културни настани и забави за викендов може да ги проверите ОВДЕ.