„Викенд без ДДВ“ ќе почне од септември

Мерката „Викенд без ДДВ“ всушност ќе биде поголем поврат на данокот преку мерката „Мој ДДВ“, изјави денеска Фатмир Битиќи, советник по економски прашања во кабинетот на премиерот. Според него, граѓаните ќе ги добијат парите преку софтверското решение на УЈП, а парите ќе ги добиваат на сметка исто како и проектот „Мој ДДВ“.

Тоа ќе биде поголем поврат на ДДВ преку сегашното софтверско решение на УЈП. Само корисниците на апликацијата „Мој ДДВ“ ќе може да учествуваат и само продуктите кои ќе се продадат тој ден и ќе се има фискална сметка за тоа ќе влезат во мерката „Викенд без ДДВ“. Злоупотребата ќе биде минимална бидејќи мерката се договара со стопанските комори, рече Битиќи.

Со „Викенд без ДДВ“ планот е да се поттикне потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори, како што се продавници за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги.

Битиќи рече дека мерката ќе се реализира на крајот на август или на почеток на септември кога ќе се намали можноста за зголемување на заразата.

Ќе се определи кога ќе биде реализирана мерката зависно од насоките на здравствените власти, бидејќи никој не сака да ги загрози животите на граѓаните, рече Битиќи

Со ваквата мерка се очекува дополнителен приход од 20 милиони евра кои ќе треба да се слеат во македонското стопанство.