Вие од провинција ни ги земавте скопските деца за мажи - Затоа ќерка ми седи дома без дечко!

Интересна приказна пристигна до нашата редакција, а ние ви ја пренесуваме во целост:

"Маалската фризерка е место каде што можеш да слушнеш секакви муабет. Бидејќи најчесто потсетува на селска чешма, се обидувам да си го исклучам мозокот колку што е можно повеќе.

Но, неодамна доживеавме вистински вербален напад, јас и фризерката, од една постара госпоѓа. Тоа беше еден трагикомичен момент и сé уште не можам да си поверувам дека се случи.

Имено, моето животно патешествие ме има однесено во 3 различни градови во Македонија, а едно од нив е е едно помалечко прекрасно гратче. Кога ќе ме прашат од каде си тешко ми е да дефинирам, бидејќи родена сум во еден, детството сум го поминала во друг град, за да повеќе од половина животен век го живеам во главниот град.

Тоа не го сметам за никаков хендикеп, напротив, се гордеам со живеењето на 3 различни географски страни во Македонија. Да имам услови да се преселам и на четвртата јужна страна, без проблем би го сторила тоа.

За мене секој град си има своја убавина, позитивни страни и добри луѓе.

Фризерката потекнува од помалото гратче каде што живеев и си коментираме некои интересни моменти за живеачката таму. Ме прашува дали моето момче е од Скопје, велам кусо ДА, без да навлегувам во детали.

И моето се погоди од Скопје, одговара таа и продолжува со работата.

И одеднаш, непоканета во разговорот, госпоѓата до нас ја крева главата и бурно реагира: Е така е, кога вие од провинција ни ги земавте скопските деца за мажи! Затоа ќерка ми седи дома без дечко!

Јас имам една генетска фалинка, не можам да се расправам со повозрасни луѓе. Сметам дека е некултурно и непристојно да им противречиш, иако некогаш имаш сосема легитимно право за караница.

Шокирана и без зборови на коментарот упатив само еден блед поглед, додека фризерката се обиде да ја избалансира топката и со некоја пријатна блага насмевка само рече – Секој со својата среќа.

Навистина драги луѓе не го разбирам поривот на оваа самоуништувачка нишка која ја поседуваме. Ајде да се навредуваме, да видиме кој може појако и подобро.

Ајде да го понижиме другиот, ајде да направиме да се чувствува бедно и лошо.

Па не е некоја филозофија, нели?

Додека светот граби напред, се занимава со револуционерни лекови, технологии и зелени екологии, ние уште се занимаваме со рекла-казала и дали си ти од провинција или си од престолнината на светот, Скопје.

Излишно е да се коментира од каде е потеклото на госпоѓата и таквите кои делат слични црни сценарија како неа за крадачките на скопските момци.

И не, не мислам на улицата или булеварот впишан во нејзината лична карта бидејќи тоа не ми говори ништо за твоето потекло, туку оние адреси впишани во личните карти на нејзините родители, бабите и дедовците, па дури и прабабите и прадедовците.

Кога ќе ја направиме математиката сите сме дојдени од некаде или отидени некаде. Ама ете, желбата да ти се укаже дека си инфериорен и ништожен е посилна од сé останато.

Таа ја надминува желбата за добрина и добро однесување, за емпатија и срдечност.

За да ја постигнат целта луѓето некогаш ти ја истакнуваат облеката, некогаш висината на платата, а најчесто местото на живеење. Бидејќи нели, тоа е преседанот дали си ти човек или не си – местото каде што живееш!

Објективна сум и реална, секако дека има моми од многу градови кои мислат дека во Скопје цветаат рози и дека ако тука си најдат љубов животот драстично ќе им се смени на подобро.

Еден неаплауз за сите нив и заблудата во којашто си живеат. Но, еве новост – секаде ги има таквите. Во сите градови и нормално, и во Скопје. И тие едноставно не може да бидат дефиниција, бидејќи исклучоците не го прават правилото.

Ако животот и љубовта по некоја случајност те донеле во главниот град, никој не треба да ти суди и пресудува. Градот не е твој зашто не го направил татко ти, тој е на сите кои живееме и вложуваме во него.

Откачете се од сите застарени догми и измислете нова свежа тема за дискусија, отколку вечно непреболената провинција и заверите кои таа ги кова против вас и главниот град."