(ВИДЕО) Жителите на Бразда веќе пола година се жалат на силна бучава и камена прашина од каменоломот: „Не можеме да излеземе надвор, неподносливо е“

Половина година жителите на скопското село Бразда во подножјето на Скопска Црна Гора се жалат дека во период од 8 часот наутро до 15 часот попладне, не смеат ниту да излезат во двор ниту пак да отворат прозорец оти облаци камена прашина се креваат од каменоломот на Градежното друштво „Гранит“. И седењето внатре, се жалат дека не е спокојно оти бучавата што ја прават дробилките на каменот се слуша и преку затворени врати и прозорци.

Според пишувањето и сведоштво од локалците за „Макфакс“, интензивното дробење на камен во близина на куќите почнало во декември минатата година, а отприлика толку траела и борбата на жителите за чист воздух и поднослива бучава, но место итни мерки и стопирање на загадувањето тие со месеци се надмудруваат со институциите.

„Не знам што е полошо, дали звукот од кој не можеш да избегаш или прашината. Облаци камена прашна се креваат во одредени моменти и завршуваат во нашите дворови. Бучавата од дробилките, кога ќе зафатат некој покрупен камен, е толку силна што се слуша и со затворени прозорци и врати. Не можеме да си дозволиме да излеземе надвор додека работат дробилките, неподносливо е. Половина година сме заробеници во сопствените куќи“, изјавил Христијан Тодорвски за „Макфакс“, чија куќа е на сто педесетина метри од каменоломот.

Рудникот на „Гранит“ во Бразда постои  колку што постои компанијата, но жителите велат дека никогаш досега немало вакво загадување и олкава бучава. Работите се смениле кога биле донесени десет нови дробилки, од кои три биле поставени веднаш до нивните куќи.

За проблемот нема надлежна институција во која не се обратиле за помош, почнувајќи од Општина Чучер-Сандево, која ја издала Б- интегрираната еколошка дозвола на „Гранит“, а побарале вонреден инспекциски надзор и мерење на прашината и бучавата.

Како што се наведува во текстот на „Макфакс“, додека чекале институциите да почнат да постапуваат, жителите самите им завршиле половина работа на инспекциите. Тие сами ангажирале акредитирана лабораторија за еколошки тестирања, а мерењата покажале дека и прашината и бучавата ги надминуваат максимално дозволените граници.

„Во одредени моменти нивото на бучава е речиси двапати поголемо од максимално дозволените 55 децибели. Од четири мерни места, на две мерни места анализите покажуваат нивоа на бучава над максимално дозволените. На три мерни места, во три населени куќи во близина на дробилката, мерењата за присуство на ПМ10 суспендирани честички во воздухот покажуваат загадување над максимално дозволените граници. На едно мерно место вредностите на ПМ10 честичките се 104 микрограми на кубен метар наспроти максимално дозволените 50 микрограми на кубен метар“, стои во извештајот од мерењата што ги направила лабораторијата „Г- Лаб“.

Целиот текст можете да го прочитате ТУКА.