
Вујкото на двегодишното дете кое беше брутално нападнато од кучиња во битолската населба Баир, Самедин Канановски, ги отфрли шпекулациите дека семејството ги одгледувало кучињата.
Тој потврди дека детето е во тешка здравствена состојба на скопските клиники, а нападот го извршила глутница кучиња без чип.
Канановски остро реагираше на соопштението од прифатилиштето „Хачико“, во кое се алудираше дека кучињата биле „маалски“ и одгледувани од месното население.
„Не може глутница да биде одгледувана од еден човек“, вели тој, прашувајќи дали и кучињата што ги хранат дуќанџиите на Широк Сокак се сметаат за домашни миленици, а не за скитници.
Семејството прстот го вперува кон Општина Битола, обвинувајќи ја за негрижа кон проблемот со бездомните животни кои се присутни низ целиот град.
„Луѓето се плашат од кучињата низ целиот град... буквално на 100 метри од Општината му стојат кучињата. Општината не презема ништо“, изјави Канановски.
Според процедурите, нападите од бездомни кучиња треба да се пријават во Секторот за инспекциски работи во локалната самоуправа или до надлежното прифатилиште, кое потоа го известува официјалниот ветеринар.
Инаку инцидентот се случил додека детето си играло во сопствениот двор.